• вторник, 24 декември 2024

Филипче: Поддржувам декриминализација на канабисот за лична употреба

Филипче: Поддржувам декриминализација на канабисот за лична употреба
Скопје, 25 декември 2020 (МИА) - Апсолутно, јас лично поддржувам декриминализација на канабисот за лична употреба, но сметам дека треба да се дискутира, треба строго да се регулира, меѓутоа, лично го поддржувам тој процес, рече министерот за здравство Венко Филипче во вечерашната дебата на „360 степени“ на тема декриминализација на канабисот и кој модел би можел да функционира во земјава. Подготвени сме, рече министерот, да отвориме една многу широка дебата во општеството во која што ќе учествуваат сите чинители. -Подготвени сме да ги слушнеме идеите на граѓанските организации, здруженијата на пациенти, да видиме кои процеси треба да ги преземеме. Тука Министерството за здравство не е само, тука има и други институции на државата како Министерството за правда, Министерството за внатрешни работи, истакна Филипче. Тој рече дека во моментов во рамките на ингеренциите на Министерството за здравство согласно Законот за опојни дроги е издавањето лиценци за одгледувањето на канабис за медицински цели. Досега издадени се 60-тина лиценци на компании кои направиле инвестиција со вработување на млади кадри, експерти од областа на фармацијата, агрикултура итн. -Во овој момент Законот предвидува препишување на канабис за медицинска употреба согласно концентрацијата на ТХЦ, и тоа е во рацете на повеќе лекари-специјалисти во делот на онкологијата, инфективната медицина, неврологијата согласно експертизата, болестите за која е индициран употребата на канабисот. Уште минатата година поднесовме измени до Собранието на сегашниот Закон за опојни дроги, за жал таа измена сè уште не помината. Таа измена е во извозот на цветот од канабис со цел да може да биде извезен, рече Филипче. дма/сст/  

Остани поврзан