• петок, 05 декември 2025

Филипче од Македонски Брод: Резолуцијата со црвени линии е најсилната гаранција за државата

Филипче од Македонски Брод: Резолуцијата со црвени линии е најсилната гаранција за државата

Македонски Брод, 1 октомври 2025 (МИА) - Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија Венко Филипче на денешната граѓанска трибина во Македонски Брод го повика премиерот Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ да не глумат лажни патриоти и да наоѓаат маани во предлог Резолуцијата на СДСМ за црвените линии во преговарачкиот процес со ЕУ, туку да покажат натпартиски однос за доброто на државата, се наведува во соопштение на СДСМ кое МИА го пренесува интегрално:

„Велеа сакаме гаранции. И ние јасно им кажавме – гаранции може да имаме дома. Многу јасно и едноставно, како што тоа го прават во секоја држава. Еве ви ги црвените линии – ова се нашите црвени линии, нема преговори за ниту едно идентитетско прашање. Јасно и гласно. Сè е чисто како солза во текстот. Ајде сите да се обединиме околу тоа, никој ништо не ни може“, рече Филипче

Тој додаде дека токму со заедничка резолуција, потпишана од сите 120 пратеници, може да се демонстрира политичка зрелост и национален консензус. 

Но, наместо поддршка, како што кажа Филипче, од ВМРО-ДПМНЕ стигнува нов предлог дека ќе подготвеле таканаречена „помакедонска“ резолуција – уште еден доказ дека се избегнува одговорноста.

„Има ли поголем доказ од ова, дека не сакаат ништо да направат? Но јас, за разлика од Мицкоски, на ова прашање гледам како на историска одговорност на нашата генерација. Јас, за разлика од него, не правам политика од иднината на нашите деца“, рече Филипче.

Во обраќањето пред граѓаните, Филипче директно се обрати и до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и јавно го повика да ги надмине личните и партиските интереси.

„Христијан, тргни ја суетата, барем еднаш во животот, за една тема. Погледни убаво што предлагаме и сам знаеш дека тоа е тоа што ни треба. Тргни ја суетата, издигни се над партиските интереси и дај да ја бутнеме оваа држава напред. Еве, ако сакаш смени нешто внатре, нека биде твоја резолуција, да не мислиш дека Филипче сака да ти ја земе македонштината. Еве, нека биде ваша, само дај да ја завршиме таа работа. Ќе останеме последна држава на Балканот без интеграција, нема да остане еден човек во оваа држава“, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче и додаде дека ова е должност кон граѓаните, а предлог Резолуцијата на СДСМ е најпатриотскиот документ затоа што ќе биде прво национално обединување.

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија Венко Филипче на граѓанската трибина „Се бориме за нашиот дом“  во Македонски Брод  нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ нема ниту една политика, ниту проект за развој на економијата, што е доказ за нивната безидејност и незаинтересираност.

„Трет ден е од почетокот на кампањата, јас полоша кампања на ВМРО-ДПМНЕ не сум видел. Но јасно е зошто е така. Безидејноста доаѓа од фактот што немаат што да кажат. Што да каже ВМРО-ДПМНЕ? Со што да се пофали? Нема ништо, нема ниту еден проект, ниту една политика во интерес на граѓаните. Економијата потона, граѓаните потешко живеат,“ рече Филипче.

Во обраќањето пред граѓаните, Филипче посочи дека економската реалност е далеку од розова и дека граѓаните го чувствуваат тоа секојдневно.

„Ова е факт, ова не е нешто што може Мицкоски преку неговите мегафони да го спинува. Сите знаат колку пари имаат во џебот, а секој ден се потешко се живее. Платата не стига ниту за првите две недели од месецот, граѓаните бираат дали да купат храна, дали да платат сметки.Растат разликите меѓу сиромашните и богатите, типично вмровски, минималната плата не ја качуваат“ рече Филипче.

Тој додаде дека земјите се движат напред, додека Македонија со актуелната власт стагнира во секоја област.

„Албанија ја покачува минимална плата на 520 евра, ама за Мицкоски 400 евра биле доволно. За неговиот пулен Трајко Славески, тие биле многу.

Земјоделството го урнисаа, сите сектори во земјоделството имаат полоши приходи, секој земјоделец има помалку приход“, рече Филипче.

Поради тоа што нема со што да се пофалат, како што кажа Филипче, ВМРО-ДПМНЕ се занимава со сензационализам и спинови за опозицијата.

„И сега ВМРО ДПМНЕ немаат со што да се пофалат па се бават со опозицијата. Кој со кого коалицирал, кој со кого се договарал. Се прашувам, нели ви е срам? Вас ве избраа луѓето да ги решавате проблемите, не да расправате кафански муабети од прес-конференции. Срамно е колку ниско се паднати, но тоа е за очекување – резултати немаат“, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

Филипче: ВМРО-ДПМНЕ бега од реформи како од ѓавол од крст

Нашата партија, Социјалдемократскиот сојуз на Македонија никогаш не глумела лажни патриоти пред гласачите, туку се бореше за она во што верува и ќе верува, порача претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на граѓанската трибина „Се бориме за нашиот дом“, во Македонски Брод.

„Ние не глумевме лажни патриоти туку се боревме за подобри позиции. А додека ние се боревме, тие пола влада си извадија бугарски пасоши. Е тоа е разликата меѓу државници и политиканти“, рече Филипче.

Тој додаде дека СДСМ историски секогаш била таа што ги решавала проблемите, што ја движела земјата напред, додека ВМРО-ДПМНЕ била кочничар на секој процес.

„Нема напредок со лажни патриоти. Нема напредок со алчни и себични политичари што се богатат на грбот на граѓаните. Нема напредок со лажни борци за правда, кои ги полнат институциите и судството со свои кадри, а правдата ја користат за кампања. Кои бегаат од реформи како од ѓавол од крст. И тука никогаш нема да бидеме исти“, посочи претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, реагираше на најновите изјави на Христијан Мицкоски, кој на трибина најави дека по изборите ќе менувал судии и обвинители.

„Го слушам вечерва Мицкоски на една трибина се заканува дека после изборите ќе менувал судии и обивнители.  И добро е што конечно вистината тоа што ние година и пол го зборуваме – дека не сака да прави реформи, не сака да писне за реформите. Сака негово партиско судство коешто ќе го контролира, коешто ќе прави монтирани случаи, преку кое ќе апси луѓе коишто тој сака да ги апси,“ истакна Филипче.

Тој порача дека граѓаните одамна ја видоа намерата на ВМРО-ДПМНЕ:


 „Од тоа што сакаат граѓаните нема реформи, нема независно судство. Сакам да му порачам – Мицкоски, не се заканувај, никој не ти се плаши.“ - рече Филипче.

СДСМ - Центар за комуникации со јавноста

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан