• петок, 05 декември 2025

Филипче од Велес: СДСМ имаше пет иницијативи за раст на платите, ВМРО-ДПМНЕ ги одби сите

Филипче од Велес: СДСМ имаше пет иницијативи за раст на платите, ВМРО-ДПМНЕ ги одби сите

Велес, 4 октомври 2025 (МИА) - Минималната плата во Македонија треба да се зголеми на 500 евра, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на граѓанската трибина во Велес. Тој рече дека СДСМ во изминатата година ипол имал пет конкретни иницијативи за покачување на платите, но дека сите биле одбиени од Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, која, според него, покажала тотална незаинтересираност за подобрување на животниот стандард на граѓаните.

-СДСМ цела година нуди решение, минимална плата од 500 евра. Не популистички, туку со јасна методологија, со модел што веќе докажа дека функционира, ние покажавме дека државата може да расте и кога има кризи, ако има грижа за граѓанинот, истакна Филипче од Велес, и додаде дека земјите од регионот како Албанија веќе ја покачува минималната плата на 520 евра, во Србија минималната плата расте секоја година.

Тој посочи дека сите добри законски решенија на СДСМ за покачување на платите и справување со високите цени на храната биле одбиени затоа што поважни за власта се газдите на маркетите.

-Ги одби, затоа што за нив поважни се газдите и крупниот капитал, отколку работникот кој секој ден се мачи да стигне до крај на месецот. ВМРО-ДПМНЕ, заради интересите на неколку компании блиски до нив, ги остава работниците по страна. ВМРО-ДПМНЕ се плаши да им каже на големите компании: Време е да го почитувате трудот на работникот. За нив, 400 евра биле доволни. За пуленот на Мицкоски, Трајко Славески, и тие биле многу. Додека тие трошат за ПР кампањи народни пари, луѓето се оставени на страна, рече Филипче.

 Поради лошите политики на власта, додаде тој, граѓаните не можат да врзат крај со крај и секојдневно се соочуваат со поскапувања на сметките и недостаток на пари за основни животни потреби.

-Што има обичниот човек. Празна кеса од маркет, сметки што пораснаа и до 30 проценти и тие секојдневно чувствуваат дека живот е сè потежок. Речиси три минимални плати денес не можат да стигнат за една потрошувчка кошничка, а камоли за сметките. Луѓето не се борат за подобар живот, тие се борат за преживување. И токму затоа оваа власт мора да се соочи со прашањето: за кого работат, за народот, или за олигарсите, нагласи Филипче.

Потсети дека СДСМ во најголемите кризи, како КОВИД и енергетската криза, покажал вистинска грижа за граѓаните преку укинување на растот на платите согласно растот на трошоците за живот, како и преку антикризни мерки со кои беа заштитени 80.000 работни места и 20.000 компании.

На граѓанската трибина под мотото „Се бориме за нашиот дом“, на која претседателот на СДСМ рече дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ во последната година и половина покажала тотална незаинтересираност за граѓаните и мерки за подобрување на животниот стандард.

-Помина година и пол од оваа власт. Период во кој имавме сите доволно време да видиме со кој си имаме работа и кои политики ги носи оваа власт. Доволно време да сфатиме дека имаме ненародна, арогантна, но пред сè власт без чувство за потребите на луѓето. Ова е реалноста, порача Филипче.

Лидерот на опозициската СДСМ повика граѓаните да се обединат и да ја вратат силата во рацете на народот, со порака дека во Македонија може да се живее чесно, со труд и почит.

-СДСМ е движење за слобода, правда и еднаквост. Без вас нема СДСМ, без вас нема борба ниту слобода. Од Велес испраќаме порака дека се бориме за нашите луѓе, за нашите плати и за нашата иднина, рече Филипче.

Претседателот на СДСМ се осврна и на проблемите во Велес за кој рече дека стагнира, дека проектите стојат, а ветувањата останале само на хартија.

-Нема донесен Генерален урбанистички план. Не е реконструирана зградата на Противпожарната служба, нема ниту нови возила – безбедноста на граѓаните е загрозена. Индустриската зона Мамутчево 2 не е проширена, не е инфраструктурно уредена – затоа нема нови фабрики, нема нови работни места, рече Филипче. 

Филипче потенцираше дека решението е во чесните и способни кандидати на СДСМ, давајќи поддршка на кандидатката за Градоначалничка, Маја Хеско и советничката група. 

-Маја Хеско како кандидатка за Градоначалничка и советничката група на СДСМ нудат конкретни проекти и решенија: нова урбанистичка регулација за справување со сообраќајниот хаос, реконструкција на спортската сала „Гемиџии“, изградба на затворен базен, модерна пречистителна станица за езерото Младост и целосно уредување на зелените површини и јавните простори, порача Филипче

Тој нагласи дека на 19 октомври граѓаните ќе покажат дека не се плашат и ќе испратат силна порака за иднината, порачувајќи дека Велес треба да остане социјалдемократски град на трудот, чесноста и солидарноста. бк/ац/

Фото: СДСМ

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан