• четврток, 09 јануари 2025

Филипче: Неразбирлива е реториката на Владиката Петар со која ги отфрла препораките за заштита за време на празниците

Филипче: Неразбирлива е реториката на Владиката Петар со која ги отфрла препораките за заштита за време на празниците
Скопје, 29 април 2021 (МИА) - Министерот за здравство Венко Филипче попладнево на својот фејсбук профил напиша дека се неразбирливи ставовите на Владиката Петар, а уште помалку реториката со која ги отфрла препораките за заштита од коронавирусот за време на велигденските празници.
-Почитуван Владико, како верски авторитет вие треба да бидете пример и први да застанете во заштита на здравјето на граѓаните. Вие први не треба да дозволите да ни се повторат грешките од минатото. Зачудува вашата негрижа за можните последици и ризиците кои ги носат одредени верски обичаи. Додека останатите верски институции во соседството и пошироко ги преземаат сите мерки прилагодувајќи ги обичаите, вие го правите спротивното. Моите лични напори да обезбедиме дијалог и заеднички став за тоа како да го заштитиме населението за време на празниците очигледно за вас ништо не значат, напиша Филипче на Фејсбук.
Министерот потсети дека во соработка со верските заедници, предложени се протоколи и мерки кои овозможуваат верниците да го прослават празникот намалувајќи ги ризиците од ширење на вирусот.
-Крајно разочарувачки за мене, но верувам и за многу граѓани е вашиот игнорантски однос кон овие обиди за соработка, но пред се кон безбедноста на граѓаните, додаде Филипче.
Тој повтори дека битката со вирусот е заедничка и секоја алка во тој синџир на одговорност мора да функционира. Испрати апел до граѓаните да бидат максимално одговорни за време на празниците и да ги почитуваат мерките за заштита. бт/бак/

Остани поврзан