• среда, 27 ноември 2024

Филипче на средба со Дрекслер, во фокусот процесот на европската интеграција на државата

Филипче на средба со Дрекслер, во фокусот процесот на европската интеграција на државата

Скопје, 4 септември 2024 (МИА) - Претседателот на СДСМ Венко Филипче денеска се сретна со амбасадорката на Сојузна Република Германија Петра Дрекслер. 

Како што информира СДСМ, на средбата Филипче ја запознал амбасадорката со идните политики на партијата, како и со актуелните внатрепартсики реформи кои се однесуваат на процесот на обновување и зајакнување на партијата, како најсилна опозициска социјалдемократска партија. 

- СДСМ направи длабинска анализа на резултатите од парламетарните избори и она за што во следниот период сме цврсто решени да го реализираме е да направиме програмска и кадровска обнова. Нашата цел е да бидеме препознаени од страна на граѓаните како единствена и вистинска социјалдемократска политичка алтернатива на актуелната власт, нагласил Филипче.

На средбата, како што се наведува, се разговараше и за процесот на европската интеграција на државата. Филипче изразил загриженост од политиката на актуелната власт во однос на евроинтеграцискиот процес, нагласувајќи дека иднината на Северна Македонија е во Европската Унија и дека СДСМ останува посветен во исполнување на преговарачаката рамка и на суштинските реформи во рамки на Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан.

-СДСМ во периодот кога ја предводеше Владата реализираше сериозни реформски исчекори во однос на придвижување на евроинтеграцискиот процес на државата. Но, во моментов имаме ситуација кога актуелната власт нема јасен план на оваа тема, изјавил  Филипче. 

Претседателот на СДСМ ја запознал амбасадорката Дрекслер и со меѓународните активности на партијата во рамки на Партијата на европските социјалисти, како и билатералната соработка со сестринската Социјалдемократска партија на Германија и со германската социјалдемкоратска фондација Фридрих Еберт. мд/аа/

Фото: СДСМ 

 

 

Остани поврзан