• среда, 18 декември 2024

На почетокот на ноември конгрес на СДСМ, ќе биде избран Централниот одбор

На почетокот на ноември конгрес на СДСМ, ќе биде избран Централниот одбор

Скопје, 15 октомври 2024 (МИА) - Претседателот на СДСМ Венко Филипче информираше дека до крајот на неделата ќе бидат избрани новите делегати, а како што најави, на почетокот на ноември, партијата ќе го организира Kонгресот, на кој ќе биде избран и новиот Централен одбор. Тој вели дека по изборните резултати, лекциите се научени, но дека СДСМ не погрешила во стратешките политики.

- Ги почнавме формалните процеси за да се постави партиското раководство, односно изборните конференции по општинските организации, за да се изберат нови делегати на Конгресот и да се предложат нови членови на Централниот одбор. Тие општински конференции завршуваат оваа недела. Со избраните нови конгресни делегати, на почетокот на ноември ќе го организираме новиот состав на Конгресот, и ќе треба да се избере новиот Централен одбор на партијата, од кој што понатаму ќе потекнува и целокупното ново партиско раководство, посочи вечерва Филипче во гостувањето на телевизија Сител.

Тој додаде дека е задоволен од временската динамика по која се одвива процесот на изборот на новото раководство, затоа што имал за цел да види и да слушне што е можно поголем број на луѓе, и да се слушне гласот на секој член на партијата.

- Задоволен од временската динамика, поради тоа што сакав да постигнам да се видам со што поголем број на луѓе, да слушнам што поголем број на членови и да ги вклучам во процесот на донесување и градење на политиките, и на тој начин да се слушне гласот на секој член, појасни Филипче.

Како што вели, причина поради која ќе се одржи новиот Конгрес, е истекот на мандатот на делегатите во претходниот состав.

- Една од точките на слендиот состанок на Конгресот ќе биде дискусија за тоа што придонесе партијата да има таков резултат од изборите, да ги извлечеме сите поуки и научени лекции, кои ќе ги имплементираме во начинот на спроведување и градење на политики и понатаму, додаде Филипче.

На конгресот, како што најави, ќе биде промовиран и документ во кој ќе биде содржано сето она што како политика сакаат да го имплементираат.

- Ние јасно ќе им покажеме на граѓаните кои ќе бидат нашите политики, на што може да сметаат понатаму во делот на имплементирање на политиките во СДСМ. Имам цврста верба дека сепак ние сме општество во кое широк спектар на луѓе веруваат во прозападните и проамериканските политики, врз кои што ги темелевме сите наши спроведени процеси изминатиот период, рече Филипче. бт/бак/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан