• понеделник, 16 декември 2024

Филипче: Владата и ВМРО-ДПМНЕ немаат право да ја блокираат иднината на државата

Филипче: Владата и ВМРО-ДПМНЕ немаат право да ја блокираат иднината на државата

Скопје, 26 септември 2024 (МИА) - Лидерот на Социјалдемократскиот сојуз Венко Филипче смета дека Владата и ВМРО-ДПМНЕ немаат право да ја блокираат иднината на државата. Условите што треба да се исполнат за членството во ЕУ, вели Филипче, се јасни, прецизни и во ниту еден момент не ги загрозуваат националните интереси и идентитетот на државата.

- Тешки одлуки во име на иднината на државата треба да прави секоја влада дури и по цена на сопствениот рејтинг. Се друго што го кажува ВМРО-ДПМНЕ и премиерот е изговор, нема никаков ризик ниту по државноста, ниту по идентитетот, културата, јазикот. Сето тоа е гарантирано и со Договорот од Преспа и со Договорот за добрососедство со Бугарија. Тие се влезени во Преговарачката рамка така што сите тие работи, заедно со Европската унија, која е гарант кога ќе почнат преговорите дека други нерационални барања не може да има од Бугарија, е нешто што ВМРО-ДПМНЕ треба да го сфати и да не ја блокира земјата затоа што тоа право го немаат, рече Филипче во емисијата „Само интервју“ на телевизија Канал 5. 

Според Филипче, премиерот Христијн Мицкоски и вицепремиерот Александар Николоски со нивните несоодветни изјави ги влошиле односите со Бугарија поради што денека и бугарското Собрание донесе нова декларација. 

- На виделина излезе дека очигледно имало некаква скриена агенда. Не може едно да зборувате за време на кампањата, а сега да зборувате друго, рече Филипче. 

Комитетот на постојаните претставници на владите на земјите членки во Европската Унија (КОРЕПЕР) донесе одлука со која Албанија на 15 октомври го започнува преговарачкиот процес за членство во ЕУ, додека, како што изјави портпаролката на ЕК за проширување, соседска политика и меѓународни партнерства Ана Писонеро, ЕК очекува старт на преговорите и со Северна Македонија откако ќе ги исполни релевантните критериуми што се договорени со Советот. 

По ова, премиерот Мицкоски во изјава за медиумите и посака успех на Албанија брзо да го заврши преговарачкиот процес, додавајќи дека можеби еден ден „нашите патишта повторно ќе се сретнат по таа траекторија кон полноправно членство во ЕУ“. 

Според Мицкоски, ние сме единствениот случај во кој билатерални договори се услови во Преговарачка рамка. Жалам што претходната Влада егизбиционистички прифаќаше се, мафташе со европско знаме додека го ограбруваше сопствениот народ. Гледаме дека состојбата е таква каква што и го делам впечатокот со огромен број македонски граѓани дека не треба повеќе на сметка на национални отстапки, идентитетски остапки без гаранции да прифаќаме услови, рече Мицкоски.

- За мене ова е диктат, ако е ова условот за Македонија да продолжи да преговара тогаш тоа го кажав и во Брисел - не благодарам, тоа не се европските вредности во кои мојата генерација се вљуби, а тоа се оние вредности, кои ги дефинирале Аденауер, Дегаспери и Шуман и затоа ја споделив идејата, ајде да разогвараме, немојте со диктат, не не условувајте со диктат, јас сакам да разговараме колку е потребно да најдеме решение, очигледно сега немаме решение, нагласи Мицкоски.

Во однос на Предлог-законот за бранители којшто е поднесен од пратеничката Славјанка Петровска, Филипче рече дека се работи за закон кој нема етничка димензија. 

- Меѓу нив има и Македонци, и Албанци, и Турци.. Еден дел се обештетени и со претходниот закон којшто е донесен, меѓутоа ниту законот којшто го имаше предложено ВМРО-ДПМНЕ минатата година преку група пратеници не бил вака сеопфатен како што сега ние предлагаме, односно не ги опфаќал сите припадници на Армијата и на полицијата и членовите на нивните семејства, рече Филипче. бак/дма/

Фото: СДСМ

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан