• понеделник, 16 декември 2024

ФБИ: Злосторствата од омраза во САД во 2021 година биле зголемени за 11,6 отсто во однос на претходната 2020 година

ФБИ: Злосторствата од омраза во САД во 2021 година биле зголемени за 11,6 отсто во однос на претходната 2020 година

Вашингтон, 13 март 2023 (МИА) - Злосторствата од омраза во САД во 2021 година се зголемени за 11,6 отсто во споредба со 2020 година, а најчесто биле мотивирани од раса, етничка припадност или национално потекло, соопшти денеска ФБИ.

Во својот нов извештај ФБИ соопшти дека бројот на пријавени инциденти од омраза се зголемил на 9.065 во 2021 година од 8.120 во 2020 година.

Оттаму додаваат дека 64,5 отсто од жртвите во 2021 година биле мета поради нивното расно или етничко потекло, 15,9 отсто поради нивната сексуална ориентација и 14,1 отсто поради нивната религија.

Јавниот обвинител, Мерик Гарланд изјави дека сузбивањето на злосторствата од омраза го поставил како главен приоритет во работата на Министерството за правда.

Во 2021 година тој го проширил финансирањето за да помогне во следењето и истрагата на злосторствата од омраза на локално ниво и им наредил на обвинителите да ги засилат кривичните и граѓанските истраги за такви инциденти.

-Продолжуваме да работиме со државните и локалните агенции за спроведување на законот ширум земјата за да го зголемиме бројот на злосторства од омраза пријавени до ФБИ, рече помошник-јавниот обвинител Ванита Гупта.

„Злосторствата од омраза и уништувањето што тие го предизвикуваат во заедниците немаат место во оваа земја. Министерството за правда е посветено на користење на сите средства и ресурси што ни се на располагање за борба против насилството мотивирано од пристрасност во сите негови форми“, рече Гупта. сд/

Остани поврзан