• понеделник, 23 декември 2024

Фаучи: САД се уште немаат одлука за влез на патници вакцинирани со АстраЗенека

Фаучи: САД се уште немаат одлука за влез на патници вакцинирани со АстраЗенека
Вашингтон, 21 септември 2021 (МИА) - Американскиот експерт за заразни болести, Ентони Фаучи објави дека се уште не е одлучено дали САД ќе дозволат влез на патници од Велика Британија и Европската унија кои ја примиле вакцината против Ковид-19, развиена од „АстраЗенека“ и Универзитетот во Оксфорд. Фаучи, кој е и главен медицински советник на американскиот претседател Џо Бајден, за Би - Би - Си изјави дека тоа прашање треба да се разработи и дека конечната одлука за признавање на вакцината на „АстраЗенека“ ја носи Центарот за контрола и превенција на болести (ЦДЦ). Сепак, тој не мисли дека постои причина луѓето што ја примиле оваа вакцина да мислат дека ќе имаат некои проблеми. Неговата изјава дојде откако САД најавија дека ќе ги укинат ограничувањата за патување за целосно вакцинирани патници од Велика Британија и повеќето земји од Европската унија на почетокот на ноември. Фаучи, исто така, рече дека децата и оние кои не можат да се вакцинираат поради оправдани околности ќе бидат изземени од ова барање за вакцинација. Американскиот епидемиолог зборуваше за нови соеви вирус и нагласи дека нивната појава не влијание толку на патувањата, колку степенот и обемот на глобалната вакцинација. - Колку побрзо постигнеме значителен напредок со вакцинацијата во светот, вклучително и пониските и средните развиени земји, толку се поголеми шансите да не дозволиме појава на нови варијанти на вирусот, рече Фаучи. Тој смета дека Ковид-19 не може да се искорени, освен во некои земји, но не на целата планета и дека може да се контролира многу подобро, првенствено преку масовна вакцинација. паг/    

Остани поврзан