Факултет за ликовни уметности - Скопје одбележува 45-годишен јубилеј, ретроспективна изложба на 3 април во МСУ - Скопје
- Факултетот за ликовни уметности - Скопје (ФЛУ) оваа година одбележува 45 години од своето основање. По тој повод факултетот организира ретроспективна изложба во Музејот на современата уметност – Скопје, која ќе се одржи на 3 април. Изложбата ќе прикаже избор на дела од колекцијата на МСУ и дела во сопственост на уметниците - наставен кадар на ФЛУ, нагласувајќи го еволутивниот тек на уметничките изрази и практики во последните четири и пол децении. Изложбата ќе биде проследена и со документарни прилози од историјата и активностите на ФЛУ.

Скопје, 7 март 2025 (МИА) - Факултетот за ликовни уметности - Скопје (ФЛУ) оваа година одбележува 45 години од своето основање. По тој повод факултетот организира ретроспективна изложба во Музејот на современата уметност – Скопје, која ќе се одржи на 3 април. Изложбата ќе прикаже избор на дела од колекцијата на МСУ и дела во сопственост на уметниците - наставен кадар на ФЛУ, нагласувајќи го еволутивниот тек на уметничките изрази и практики во последните четири и пол децении. Изложбата ќе биде проследена и со документарни прилози од историјата и активностите на ФЛУ.
Покрај изложбата, ќе бидат организирани предавања од истакнати алумни кои ќе ја истражуваат улогата на ФЛУ во современиот уметнички и културен дискурс. Настанот, како што информира ФЛУ, има за цел не само да оддаде почит на богатото наследство на факултетот, туку и да отвори нови перспективи за неговата иднина.
ФЛУ потсетува дека од 1980 година, факултетот е центар за креативен развој, каде што се формираат генерации уметници кои оставаат значаен белег на домашната и меѓународната сцена. Низ децениите, со постојани иновации во наставните програми, ФЛУ останува посветен на унапредување на современите уметнички практики и создавање простор за нови идеи, притоа одржувајќи ја врската меѓу традицијата и модерните текови во уметноста, соопшти ФЛУ.
Факултетот за ликовна уметност - Скопје е основан на 31 март 1980 година со одлука на тогашните надлежни органи, како дел од напорите за создавање високообразовна институција посветена на уметноста. Како составен дел на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, факултетот беше формиран три децении по основањето на самиот универзитет во 1949 година. Неговото создавање беше иницирано од д-р Тома Прошев, тогашен директор на Универзитетскиот центар за уметности во СР Македонија, кој препозна потреба од академска институција што ќе ги едуцира идните генерации на ликовни уметници.
За организацијата и структурирањето на новиот факултет беше формирана Матична комисија, предводена од Васко Поповски, потпретседател на Собранието на Град Скопје и поддржана од истакнати професори и уметници како проф. д-р Борис Петковски, академик Коста Ангели-Радовани, академик Петар Мазев, академик Богдан Боричин, академик Миле Јовановиќ и проф. Илија Џувалековски. По нивниот избор, на 23 април 1980 година беа назначени првите наставници, меѓу кои академските сликари Петар Мазев, Димитар Кондовски, Родољуб Анастасов и Душан Перчинков (прв продекан), академскиот вајар Петар Хаџи-Бошков (прв декан), академскиот сликар и графичар Драгутин Аврамовски-Гуте. Со усвојување на наставните програми, факултетот официјално започна со работа на 16 јули 1980 година.
Наставата за првата генерација студенти започна во учебната 1980/81 година во просториите на Училиштето за применета уметност во Скопје, а една година подоцна, на 1 април 1981, факултетот беше регистриран како дел од Универзитетскиот центар за уметности. Во 1981 година, на наставниот кадар му се приклучија академски вајар м-р Стефан Маневски, академскиот сликар Симон Шемов и академскиот сликар и графичар м-р Димитар Малиданов.
Во 1982 година, ФЛУ доби сопствен простор за работа во културно-историскиот објект Сули-ан во Старата скопска чаршија. Со текот на времето, факултетот се разви во самостојна високообразовна институција, посветена на научно-истражувачка, стручна и уметничка дејност. Денес, ФЛУ работи во духот на академската автономија, поддржувајќи инклузивност и еднакви можности, согласно Законот за високо образование и универзитетските статути.
- Во изминатите 45 години, ФЛУ изгради респектабилна позиција како образовна и истражувачка институција. Алумнито на ФЛУ го сочинуваат реномирани уметници, професори, дизајнери и куратори кои денес се активни учесници на домашната и меѓународната уметничка сцена. Со студиски програми кои вклучуваат сликарство, графика, скулптура, трансмедиумски практики кои ги вклучуваат новите медиуми, графички дизајн, конзервација и реставрација, сценографија, моден дизајн и друго, факултетот постојано се адаптира на новите трендови и потреби на современата уметност. Покрај традиционалниот академски пристап, ФЛУ секогаш охрабрувал авангардни и интердисциплинарни експерименти, соработки со други уметнички институции и активно учество на своите студенти и професори во меѓународни проекти, изложби и симпозиуми, се вели во соопштението.
- Како единствена високообразовна институција од ваков вид во земјата, ФЛУ одигра значајна улога во обликувањето на македонската уметничка сцена. Многу од неговите алумни денес се носители на водечките галериски и музејски програми, како и независни уметнички иницијативи. Наставниот кадар, кој е составен од истакнати уметници и теоретичари, постојано ја одржува динамиката на факултетот, обезбедувајќи простор за креативност и слободна мисла. Со текот на годините, факултетот организираше бројни изложби, работилници, предавања и дебати, кои не само што ја афирмираа локалната уметничка сцена, туку и придонесоа за поголема видливост на македонската уметност на регионално и глобално ниво. Посебен акцент е ставен на соработките со други академски институции од Европа и светот, овозможувајќи размена на знаење, искуства и инспирација, стои во соопштението.
Од ФЛУ нагласуваат дека како што се развива уметноста, така и факултетот продолжува да се трансформира.
- Соочен со предизвиците на третманот на високото образование во општеството, со глобалните културни текови, со дигиталната ера и новите технологии, факултетот останува посветен на својата мисија да создава генерации уметници кои ќе продолжат да ја обликуваат македонската и светската уметност. Со 45 години зад себе, ФЛУ не само што сведочи за богатата уметничка историја на Македонија, туку и претставува катализатор за нејзината уметничка иднина, се наведува во соопштението. мд/ац/
Фото: ФЛУ