• среда, 18 декември 2024

Фактури од 11 увозници на земјоделски производи на дополнителна царинска проверка во Грција, Србија, Турција и Албанија

Фактури од 11 увозници на земјоделски производи  на дополнителна царинска проверка во Грција, Србија, Турција и Албанија

Скопје, 13 април 2023 (МИА) - Во врска со изнесените сомневања во јавноста дека се приложувани лажни фактури при увозот на земјоделски производи, по извршената анализа за период од 1 јануари до 6 април 2023 година, Царинската управа информира дека на дополнителна проверка на декларираната вредност се испратени фактури приложени кон увозните царински декларации за 11 увозници и тоа во царинските администрации на Грција, Србија, Турција и Албанија, во зависност од земјата од каде се извезени овие производи. 

Според Управата, врз основа на претходни сомневања за веродостојноост на приложени фактури за увезени земјоделски производи, во декември 2022 година за два од овие увозници, на дополнителна проверка веќе се испратени фактури приложени кон увозни царински декларации до царинската администрација на земјата извозник - Грција.

Согласно меѓународните спогодби со кои се регулира оваа административна соработка меѓу царинските служби, предвидени се рокови од 10 месеци за одговор на овие барања од страна на царинската служба на земјата извозник.

Доколку добиените одговори од царинските администрации ги потврдат сомневањата дека се приложувале лажни фактури при спроведувањето на увозната постапка, Царинската управа за овие увозници ќе покрене постапка за дополнителна наплата на избегнатите давачки, како и постапка за утврдување на прекршочна или кривична одговорност, во зависност од износот на избегнатите давачки.

-Царинската управа врши анализа на приложените фактури кон увозните декларации за земјоделски производи и за претходните три години, согласно законски предвидениот рок. Доколку од анализата произлезат сомневања за веродостојност на приложените фактури кон увозните декларации и од други увозници, истите ќе бидат пратени на проверка до царинските служби на земјите од каде се извезени. Дополнително, доколку се утврди дека од страна на царинските службеници при спроведување на царинската постапка не е постапено согласно законските прописи и интерните акти на Царинската управа, ќе бидат преземени соодветни мерки за утврдување на одговорност, се наведува во соопштението. мч/лв/

фото: МИА архива

Остани поврзан