• среда, 11 декември 2024

Уште двајца под истрага за смртта на Лијам Пејн

Уште двајца под истрага за смртта на Лијам Пејн

Буенос Аирес, 11 декември 2024 (МИА) - На двајца вработени во хотелот „Касасур“ во Буенос Аирес, Аргентина, каде што, пред смртта, престојувал Лијам Пејн, им било кажано дека официјално се под истрага. Со тоа истрагата за неговата смрт се прошири на пет лица, пренесува аргентинскиот портал „Инфобае“ (Infobae).

Судијката Лора Брунијард донесе одлука истрагата за смртта на британскиот поп-рок пејач кој падна од третиот кат во хотелот да ја прошири со две лица, порачувајќи им да ангажираат адвокати и дека ќе треба да дадат изјави. Меѓу новоосомничените е рецепционерот Естебан Рејналдо Граси, кој се јавил на 911 кога се случила несреќата, а бил еден од тројцата мажи кои го носеле Лијам низ ходникот непосредно пред трагедијата.

Однесувањето на вработените и нивната одлука да не го остават пејачот во фоајето додека чекаат помош, покрена сомнеж. Вработените во хотелот ќе бидат сослушани следната недела, меѓу 17. и 19 декември, а наскоро се очекуваат и изјави од државните правобранители.

Инаку, три недели по смртта на поранешниот член на британскиот состав „Уан дајрекшн“ (One Direction), обвинителите ја отфрлија можноста за самоубиство како причина. Наводите говорат дека тој најверојатно бил во несвест кога паднал од балкон.  си/

Фото: ЕПА

Остани поврзан