• среда, 25 декември 2024

Уште гори од Топлица до селото Крстец, пожарот во Катланово со намален интензитет

Уште гори од Топлица до селото Крстец, пожарот во Катланово со намален интензитет
Скопје, 11 август 2021 (МИА) - Активен е пожарот во делот од Топлица кон селото Крстец, и тоа во тешко пристапен терен. Намален е интензитетот на горење кај пожарот во Катланово, а целосно е локализиран оној кај м.в. Бејаз Тепе. На терен е и екипата од Словенија и Австрија, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Согласно состојба со пожарите до 8.30 часот, од ЦУК посочија дека пожарот кој почна на 2 август кај  м.в.Бeјаз Тепе е локализиран.
На терен се сто припадници на Армијата, екипа од Бугарија со пет ПП возила и 37 пожарникари, екипа на ШС Равна Река со две теренски возила со цистерни и четири возила за превоз и 30 вработени, екипа на ШС Малешево со четири теренски возила со цистерни и шест теренски возила за превоз и 45 вработени, ТППЕ Берово со три ПП возила и седум пожарникари, ДЗС со теренско возило со цистерна и пет вработени, РЦУК Берово со двајца вработени и 40 луѓе од месното население.
На терен е и екипата од Словенија, како и екипата од Австрија.
Пожарот во атарот на селото Будинарци е ставен под контрола и е локализиран. Екипите работат на негово расчистување.
Пожарот кај Раовиќ – Буковиќ каде на неутврдена површина гори мешана шума, во текот на вчерашниот ден врз пожарот е дејствувано воздушно - авионски во три-четири наврати. Исто така, од земја е интервенирано со 20 војници на Армијата и 20 припадници на ДЗС.
Од Ловиштето Јасен известуваат дека пожарот од Раовиќ се префрлил на територијата на Ловиштето Јасен. На дежурство во селото Раовиќ биле испретени две ПП возила со пет пожарникари.
Истата екипа кракот од пожарот кој се спуштал кон селото во 2 часот го угаснала.
Другите краци на пожарот се уште горат.
На пожарот кај Катланово, односно Дивље и Крушје, од земја е дејствувано со 10 вработени и од страна на БППЗ со една екипа, едно ПП возило и четири пожарникари и 20 припадници на Армијата. Фронтот на пожарот е насочен кон селото Средно Коњаре . Интензитетот на горење моментално е намален, но состојбата може наеднаш да се промени.
Пожарот во атарот на селата Топлица, Ракле и Никодин е се уште активен во делот од Топлица кон село Крстец во тешко пристапен терен.
Во текот на вчерашниот ден интервенирале шест работници од ЈП Национални Шуми - „Црн Бор“ - Прилеп. Во текот на денот немало поддршка за гасење со воздухоплови. ТППЕ - Прилеп извести дека не испратиле екипа на овој пожар во текот на денот.
За состојбата со пожарот од страна на РЦУК - Прилеп известени се ЕЛС - Прилеп, ДЗС - Прилеп, МВР - ПС Прилеп.бт/sa/

Остани поврзан