• четврток, 07 ноември 2024

Учесниците подготвени за почетокот на купот „Благоја Георгиевски-Буштур“

Учесниците подготвени за почетокот на купот „Благоја Георгиевски-Буштур“
Скопје, 16 февруари 2022 (МИА) - Од 18 до 20 февруари во СРЦ „Кале“ осум кошаркарски екипи во машка, и уште четири екипи во женска конкуренција тргнуваат по куп-трофејот. Бранител на трофејот е МЗТ Скопје Аеродром кој во четвртфиналето ќе се сретне со Гостивар. -За Купот можам да кажам дека е специфичен, не секогаш победува фаворитот. Играме против Гостивар, знаеме дека станува збор за квалитетна екипа. Ќе мора пристапот да биде сериозен, да дадеме сé од себе и на крајот се надевам дека ние ќе бидеме тие што ќе извојуваме победа, изјави Дамјан Стојановски на денешната прес-конференцијата. Екипата на Гостивар ќе се обиде да го прекине континуитетот кој МЗТ Скопје Аеродром го има во ова натпреварување. - Ќе се обидеме да ги изненадиме и да донесеме радост во Гостивар. Се подготвивме доволно, без разлика што имавме два меча во последните три дена. Имавме поголема прилика да го следиме противникот и во АБА 2 лигата. Ни одговара екипа која игра систем-игра, за разлика од другите побрзи екипи кои се базираат на транзиција и на трчање. Верувам дека овој дуел ќе биде квалитетен и нека победи подобриот, смета Александар Јончевски, шефот на стручниот штаб на Гостивар. Втората четвртфинална двојка ја сочинуваат екипите на ТФТ и лидерот во шампионатот – Пелистер. - Сметам дека екипите кои ќе бидат најдобро физички подготвени ќе имаат предност, а за нашата екипа сметам дека е добро подготвена физички. Се надевам дека оваа година ќе имаме повеќе гледачи и ќе направиме празник за кошарката во претстојниот викенд, рече тренерот на ТФТ, Боро Смилковски. Третата четвртфинална двојка ќе ја сочинуваат екипите на Работнички и на Феникс 2010. - Работнички се наоѓа во специфична ситуација и клубот се реогранизира. Се надевам на подобри денови на Работнички во иднина. Имаме многу млада и неискусна екипа. Но истовремено и перспективна, надополнета со неколку странски засилувања, ако се работи напорно, во иднина ќе донесе позитивни резултати. Во Купот очекуваме да ги имаме новите имиња од САД, но секако не знам дали краткиот временски период ќе ни дозволи да ги регистрираме, и веројатно ќе имаме само еден заеднички тренинг. За мечот со Феникс 2010, се надевам дека ќе прикажеме добра игра и дека ќе го дадеме максимумот, смета Игор Михајловски новиот тренер на Работнички. Феникс за прв пат игра во завршницата од Купот. А тренерот Денис Дервишевиќ очекува малку поразличен меч во однос на оној првенствениот. - Ние сме дебитанти во ова натпреварување, и првпат ќе играме во Купот оваа година. Немаме притисок, сакаме да се покажеме во најдобро светло. Што се однесува до натпреварот со Работнички, ова ќе биде поинаков од оној последниот во лигата. Ќе бидат засилени, наше е да ја прикажеме нашата игра, па нека победи подобриот, истакна Дервишевиќ. Четвртфиналето ќе биде затворено со натпреварот Еуро Никел 2005-Навико Академија ФМП. Горан Самарџиев кој успешно го предводи составот од Кавадарци, очекува победа на првиот меч од турнирот кој ќе се игра во СРЦ „Кале“ во Скопје. - Сакам на сите да им посакам успех во Купот, во кој ние влегуваме со очекување за победа на првата средба. Мислам дека сме спремни, играме со Академија ФМП која ја респектираме. Имаме 1-1 во меѓусебните дуели. Без разлика што ги победивме во Кавадарци на последната средба, Купот е специфичен и мора да бидеме мотивирани и фокусирани“- вели Самарџиев. Пред средбата свои размислувања има и капитенот на Навико Академија ФМП, Лука Стојановски. - Нашиот менталитет во Купот е да играме од меч во меч. Имаме квалитет да се носиме со секого. Еуро Никел 2005 не го потценуваме. Мислам дека може да ги добиеме и по вторпат оваа сезона. Наше е да покажеме што знаеме, вели младиот кошаркар на „лавовите“ од Кисела Вода. Претседателот на федерацијата, Перо Антиќ, му го предаде на капитенот на МЗТ Скопје, Дамјан Стојановски пехарот кој клубот од Аеродром го освои ланската сезона. зс/

Остани поврзан