• петок, 16 мај 2025

Ученици вапсуваа велигденски јајца со природни бои во Кавадарци 

Ученици вапсуваа велигденски јајца со природни бои во Кавадарци 

Кавадарци, 17 април 2025 (МИА) - Ученици вапсуваа велигденски јајца со природни бои во Кавадарци. Денешниот настан беше во организација на Вински музеј за регион Тиквеш, во соработка со основното општинско училиште ,,Страшо Пинџур". Велигденските јајца се вапсуваа со лушпи од кромид, куркума и растение броќ.  

- Целта е заедно со младите да ја испочитуваме традицијата, а истовремено да ги научиме дека најдобро е да се вапсуваат велигденски јајца со природни бои, користејќи и ливчиња од природата. Учениците изработија прекрасни креации, а самите подготвија и кошнички од хартија во кои ги ставија велигденските јајца, рече за МИА, директорката на Вински музеј, Елизабета Ристова. 

Учениците креираа потпомогнати од нивните наставнички и музејските работници. 

Зборувајќи за народната традиција околу велигденските празници, Томе Крстевски, виш кустос етнолог во Музеј галерија, пред учениците рече дека со обичаи и верувања особено е исполнет Велики четврток, посебно внимание е вапсувањето на велигденските јајца. Според обичајот најпрвин се вапсувале три јајца, а потоа и другите, првото јајце било наменето на Господ-Господово јајце, второто на домаќинот-глава на семејството, а третото на стоката и бериќетот.

Тој истакна дека особено повеќе обичаи и верувања се поврзани со јајцето првак за кое се верува дека има магиска моќ.

- Насекаде во Македонија, на Велики Четврток, рано пред изгрејсонце, првото јајце се става во сито и се обесува на дирекот од куќата или на друго место спроти сонцето за да го видат првите сончеви зраци. Во некои краишта во сито се ставаат едно, или две до три јајца, а некои ставале и жито, срп за богат бериќет, ситото било покриено со црвена ткаенина. Вечерта луѓето се бањаат со црвено и бело јајце, минувајќи три пати по лицето зборувајќи "Црвено бело-здраво и живо"што значи да се дебели како јајцето, но и црвени во образите, што симболизира здравје и напредок, појасни Крстевски. свд/дма/


Фото: МИА 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан