• сабота, 23 ноември 2024

Учениците се вратија во училишните клупи, надлежните со апел да се почитуваат протоколите

Учениците се вратија во училишните клупи, надлежните со апел да се почитуваат протоколите
Скопје, 2 септември 2021 (МИА) - По пауза од една ипол година, средношколците и основците од вчера повторно се вратија во училишните клупи, притоа почитувајќи ги сите здравствени протоколи. Според надлежните, новата учебна година со физичко присуство почна успешно и без проблеми, а на децата и наставниците им посакаа убав почеток и одговорно придржување до здравствените протоколи. Во училиштата протоколите предвидуваат носење макси, дезинфекција, проветрување на простории и мерење на температура. -Конечно детскиот џагор се врати во училиштата, што посебно ме радува, истакна вчера министерката за образование и наука Мила Царовска. Таа потврди дека образовниот систем е целосно подготвен за почеток со физичко присуство. На децата им порача да имаат верба во себе и да не се откажуваат од зацртаните цели. Министерката упати и благодарност до родителите за посветеноста и придонесот за успешна реализација на наставата во услови на пандемија. – Изминатиот период интензивно се подготвувавме, ги следевме препораките на надлежните здравствени институции, но и на светските организации како СЗО и УНИЦЕФ, изработивме протоколи за работа и ги преземавме сите други безбедносни мерки од здравствен аспект за да можат училиштата повторно да работат со физичко присуство на ученици и наставници, рече Царовска, потенцирајќи дека МОН е тука за сите кои имаат потреба од поддршка. Според министерката, системот исто така е подготвен преку еден ден да се префрли и во онлајн учење доколку е тоа потребно, но смета дека тоа е најмалку посакуваното сценарио. Затоа, им порача на сите наставници, родители и ученици да бидат одговорни и посветено да се држат до протоколите, за учениците да можат да останат подолго во училиште. Таа напомена дека наставниците во најголем дел се вакцинирани а сега е значајно да се вакцинираат и родителите, и упати апел до сите оние кои имаат ученици дома, да се вакцинираат. – Ако сите ги почитуваме протоколите, се грижиме за своето здравје и за здравјето на нашите најблиски, тогаш навистина имаме можност да одржиме континуитетна настава со физичко присуство, а притоа да го заштитиме и јавното здравје, рече Царовска. Успешна работа вчера министерката им посака и на вработените во училиштата, нагласувајќи дека наставниот кадар е најважната алка во воспитно – образовниот процес. – Од вас најмногу зависи квалитетот на генерациите кои се создаваат. Измина една година од мојот мандат. Заедно изработивме многу, но и уште повеќе останува да се сработи. Вие сте носители на промените кои заедно ги создадовме и од кои очекувањата се високи. Верувам дека ќе дадете максимум за да ги постигнеме зацртаните цели. Влогот и досегашниот труд се големи, а интересот е заеднички, нагласува Царовска. Им порача да бидат одговорни во секоја прилика за време на овие вонредни услови за едукација, да го заштитат личното здравје и да придонесат за безбедноста на другите околу нив. Барање за следење онлајн настава за оваа учебна година поднеле околу два отсто од учениците, што според Царовска е прифатлива бројка и се надева така ќе остане. Градоначалникот Петре Шилегов, информираше дека Градот Скопје во сите 23 средни училиште со кои раководи во соработка со МОН и Министерството за здравство ги презема сите неопходни мерки кои ќе гарантираат безбедна посета на наставата. Тој на средношколците вчера им посака успешен старт и тек на учебната година и очекува со заеднички сили да го задржат ова темпо, за децата да ја завршат учебната година во училишните клупи. И според премиерот Зоран Заев, отворањето на училиштата е најпосакувана одлука, но порача дека е важно учениците да бидат одговорни и надвор од училиштата.
-Отворањето на училиштата за настава со физичко присуство е најпосакуваната одлука за сите кои посакуваат здрав психо-социјален развој на учениците. Сите многу изгубивме изминатата година, соочувајќи се со пандемијата која го затече целиот свет, порачува премиерот Зоран Заев, кој на учениците и наставниците им посака успешен почеток на новата учебна година.
Премиерот смета дека нема подобра опција од наставата со физичко присуство и дека се вложени сите напори за учениците безбедно да се вратат во училишните клупи, но нагласува дека е потребна максимална одговорност и почитување на протоколите од сите учесници во воспитно – образовниот процес.
- Сите сме заедно во ова и секоја поддршка и соработка од родителите, наставниците и од учениците е добредојдена. Сите мора да бидеме солидарни и да покажеме разбирање и свест, порача Заев.
Онлајн учење сепак останува за четири града во државата, поточно во Тетово и Гостивар, каде заради епидемиолошката состојба, две недели ќе се одвива само онлајн настава. Во Струга и Кичево, пак, учениците една недела ќе учат онлајн.бт/са/
 

Остани поврзан