• среда, 25 декември 2024

Учениците од Росоман ќе носат школски униформи, трошокот за нив ќе го плати Општината

Учениците од Росоман ќе носат школски униформи, трошокот за нив ќе го плати Општината

Росоман, 30 ноември 2023 (МИА) - Учениците од Росоман ќе носат школски униформи, трошокот за нив ќе го плати Општината. Оваа информација ја потврди за МИА, директорката на основното општинско училиште „Пере Тошев", Ленче Стојанова. Се работи за околу 300 ученици, а вредноста на униформите е околу 750 илјади денари. 

- Идејата беше моја, со цел во училишните клупи сите деца да бидат еднакви. Неа ја прифатија родителите и започнавме постапка. Одлучивме дваесетина деца од семејства во социјален ризик да ослободиме од плаќање на униформа. Ослободување предвидовме и за секое трето дете од исто семејство, појасни директорката. 

Таа информираше дека родителите  испратиле барање до локалната самоуправа, за делумно субвенционирање на ученичките униформи. 

- На наше огромно задоволство, на вчерашната седница на Советот на општина Росоман,   донесена е заедничка одлука на советниците и градоначалникот, дека ученичките униформи, финансиски, целосно ќе бидат покриени од општинскиот буџет. Сакам да нагласам дека ова е иницијатива на Училишниот одбор, Советот на родители , наставниците и покажува дека како училиште сме општествено одговорни, нагласи Стојанова. 

Таа подвлече дека оваа иницијатива нема политичка заднина. 

 - Затоа што никој не треба да си го присвојува трудот на родителите како свој. Најголема заслуга за конечната  одлука, имаат членовите на Совет на родители , кои во консултација со останатите родители, го поднесоа барањето за поддршка до Општината, додаде директорката на училиштето. 

Таа изрази благодарност до родителите на децата што се школуваат во училиштето, за нивните заложби во оваа постапка. 

- Се надеваме дека и понатаму  заеднички  ќе придонесуваме за поквалитетно образование, бидејќи за унапредување на воспитно - образовниот процес најважна е соработката на училиштето со родителите, како и со локалната заедница, а се во интерес на нашите деца, истакна Стојанова. свд/дма/

 

Фото : МИА 

Остани поврзан