• среда, 27 ноември 2024

Утрински навики на успешните луѓе

Утрински навики на успешните луѓе

Лос Анџелес, 19 март 2024 (МИА) - Успехот не е резултат само на среќа, се вели, иако среќата е неопходна за успех, туку на напорна работа, дисциплина, упорност и доследност. Така, формулата за успех делумно зависи од она што е заедничко за успешните луѓе. Тука се, пред сè, и нивните утрински рутини, меѓу другото.

Имено, секој од нив максимално го користи своето утро. А, тоа многу ретко значи - спиење до доцна... Следат уште некои навики на успешните луѓе за наутро. 

Имаат зацртани намери

- Утре наутро, одвојте малку време за да ги поставите Вашите намери за денот. Како сакате да се чувствувате, да се однесувате? Кои вредности сакате да ги отелотворите? Тоа е компасот со којшто треба да се движите низ денот, објаснува психологот Лахлан Браун.

Зацртувањето цел е една работа, а поставувањето намери е сосем друго. Успешните луѓе ја разбираат разликата и го почнуваат денот со јасно одредени и определени намери. Тука не се работи само за тоа што сакаат да постигнат, туку и како да се чувствуваат и како сакаат да се поврзат со светот околу нив. Станува збор за усогласување на зацртаните постапки со своите вредности и стремежи.

Но, тоа не е секогаш лесно. Сè може да тргне наопаку во текот на денот. Внимателноста ги учи луѓето повторно да го насочат своето внимание на своите намери, без осудување или фрустрација. Се работи за тоа да се препознае кога се случило застранување за да се вратиме назад.

Успешните луѓе вежбаат

Тие имаат самодисциплина да станат рано и да го одработат тренингот. Советот тука гласи: Почнете со рекреација со помалку напор. Полесните вежби за истегнување, или основни јога-пози - се повеќе од доволни за почеток.

Си ги хранат умот, духот и телото

Покрај појадокот што го храни телото, важно е да се хранат и духот и умот. Успешните и задоволни луѓе го почнуваат денот со добра книга, музика и / или медитација. А, првото нешто што ќе го направите во денот ќе се протега низ него како силна нишка и ќе го дефинира.

Совет: Погрижете се тоа да е нешто добро и инспиративно. Нахранете го Вашиот ум само со најдоброто.

Вон интернет-просторот и на тишина

Во овој свет полн со премногу информации и интернет-врева - тишината е скапоцена. Но, само малкумина се свесни за тоа. Да се почне денот со шолја омилено кафе или чај - во тишина, покрај прозорец и умерена сончева светлина, вреди повеќе од „велнес“ викенд. Молкот и исклучувањето не значат игнорирање на светот, ниту бегање од луѓето, туку едноставно простор за - себе.

„Не правење“ ништо

Успешните луѓе често минуваат дел од своето утро не правејќи апсолутно ништо. Во свет каде што да се биде продуктивен е императив, ја заборавивме вредноста на „чистото постоење“. Свесноста, сепак, нè учи дека е во ред да застанеме, да одвоиме миг и само да дишеме... Да дозволиме умот да талка, т.е. „да го оставиме мозокот на пасење“, како што се вели. Токму во тие мигови се раѓаат најдобри идеи, велат, а проблемите добиваат решенија. 

Советот и тука гласи: Пробај го тоа утре, и тоа наутро. Одвојте неколку минути за одмор. Можеби ќе Ве изненади она што ќе Ви се појави на ум. си/рп/

Фото: Пиксабеј

Остани поврзан