• петок, 05 декември 2025

Утре во Струмица почнува Меѓународен археолошки симпозиум „Теракота и грнчарија – Од Енкиду до зграфито“

Утре во Струмица почнува Меѓународен археолошки симпозиум „Теракота и грнчарија – Од Енкиду до зграфито“

Струмица, 5 ноември 2025 (МИА) - Во хотел „Сириус“ во Струмица утре почнува Осмиот меѓународен симпозиум по археологија на тема „Теракота и грнчарија – Од Енкиду до зграфито“, во организација на НУ „Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј-Струмица“, со поддршка од Министерството за култура и туризам, соопштија од оваа установа.

Според организаторите, целта на симпозиумот е да иницира академска дебата за потеклото, развојот и културното значење на керамиката и керамичките предмети низ времето и просторот.

-Уметноста на создавање од земја отсекогаш била фасцинантна форма на изразување што го следела човештвото низ милениумите. Магичната разновидност на глината ја инспирирала не само човековата рака, туку и божественото во митологијата на различни цивилизации, од Аруру и египетскиот Хнум, преку грчкиот Хефест, па сè до библискиот Господ Бог. Универзалната желба за создавање „сопствен Енкиду“-глинениот човек, претставува заедничка нишка што ги поврзува боговите и луѓето. Кога Прометеј им го подарил огнот на луѓето, тој ја поттикнал човечката креативност и ја отворил патеката кон создавање ремек-дела што ја надминуваат секојдневната употреба и преминуваат во духовното царство, се наведува во соопштението.

Настанот ќе трае два работни дена, а ќе учествуваат дваесет археолози од седум земји, кои ќе се претстават со вкупно 16 научни презентации.

Се додава дека симпозиумот претставува можност за размена на знаење, искуства и современи археолошки интерпретации во духот на меѓународната научна соработка.рт/вј/

Фото: НУ Завод и музеј Струмица

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан