• петок, 05 декември 2025

Уставниот суд ќе ја одржи 26. седница

Уставниот суд ќе ја одржи 26. седница

Скопје, 3 декември 2025 (МИА) - Уставниот суд денеска ќе ја одржи 26. седница на чиј дневен ред се осум иницијативи за оценување на уставност и законитост и едно барање за заштита на слободи и права. 

Уставните судии, како што е најавено, треба да дискутираат по иницијативата со која се оспорени Член 6 став 2, член 37 став 2, член 111 ставови 4 и 5, член 123 став 1, член 138 став 3 и член 139 став 2, сите во делот „напишани на  македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на јазикот кој го  зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните на територијата на Република  Северна Македонија и неговото писмо, што не ја исклучува можноста  од истовремена употреба и на други јазици, како и на знаци или пиктограми што се лесно разбирливи за потрошувачот” од Законот за  заштита на потрошувачите. 

Подносителите во иницијативата наведуваат дека со Уставниот амандман V покрај македонскиот јазик е предвидено „друг јазик што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните е исто така службен јазик и неговото писмо, како што е определено со овој член” и смета дека ова се однесува како обврска на државата и институциите, но не и на приватните лица. 

Уставните судии ќе дискутираат и по иницијативата со која е оспорен Член 59 и делот „не“ од член 63 став 3 од Законот за прекршоците.

Подносителот на иницијативата тврди дека со оспорениот збор „не” постои можност органот самостојно да ја менува правната квалификација на прекршокот кој е даден, како во барањето за поведување на прекршочна постапка, што може да доведе до неизвесност при воспоставување на нова состојба различна од онаа што ја дал како предлог подносителот на барањето за поведување на прекршочна постапка. 

На дневен ред е и иницијативата за оценување на Член 4 став 7 во делот „буџетскиот корисник од прва линија“ и член 7 став 3 во деловите „втора линија буџетски корисници“ и „буџетскиот  корисник од прва линија“ од Законот за трансформација во редовен  работен однос.

Подносителот на иницијативата тврди дека Законот за буџетите не уредува „буџетски корисник од прва линија” ниту „буџетски корисник од втора линија”. Според наводите, оспорените делови може да предизвикаат правна несигурност при примената и не се во согласност со темелното начело на владеење на правото.

Уставните судии ќе ја резгледаат и иницијативата со која е оспорен член 145 став 1 во делот „и тоа од денот кога до тој работодавец е доставен налогог за извршување“ од Законот за извршување.

Подносителот на иницијативата наведува дека со оваа одредба се овозможува злоупотреба на Законот. Се тврди дека со Законот се нарушува редоследот на намирување на долгот и според него потребно е воспоставување на ист редослед на намирување на долгот исто како и кај претходниот  работодавач. На овој начин, според подносителот, од прва страна за намирување на долгот, при менување на работни места на должникот, постои опасност тој долг да стане последен во приоритетите за намирување па дури и никогаш да не биде наплатен.

На дневен ред на денешната седница, како што е најавено, се и иницијативите со кои се оспорува делот „како извршна исправа“ во став 2 од Заклучокот за  утврдување на трошоците за извршување; член 114 став 1 точки 4 и 7 од Колективниот договор на  Министерството за одбрана; член 17 став 3 од Статутот на синдикатот на работниците од  угостителството, туризмот, комунално-станбеното стопанство, занаетчиство и заштитните друштва на Македонија и Член 7 став 5 и член 8 став 3 и став 8 алинеја 1 од Тарифата на  премии за осигурување на сопственици на моторни возила од  одговорност за штети предизвикани на трети лица.

Уставниот суд, на денешната седница, треба да го разгледа и барањето за заштита од дискриминација по основ на политичка припадност согласно член 110 алинеја 3 од Уставот, поднесено од Александар Наумоски. аа/мд/

Фото: МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан