• вторник, 24 декември 2024

Уставниот суд постапува по три предмети за законските измени на Законот за работни односи

Уставниот суд постапува по три предмети за законските измени на Законот за работни односи

Скопје, 19 септември 2023 (МИА) - Уставниот суд информира дека постапува по три предмети поврзани со законските измени на Законот за работните односи кои се во фаза на претходна постапка, односно во тек е уставно-судска анализа и испитување на наводите.

Првиот предмет е  оформен по иницијатива поднесена од политичката партија „Левица”, а се однесува на тоа дека со оспорениот акт се овозможува начинот и местото на исплата на платата на работниците кои работат на проекти од стратешко национално значење да се уреди со подзаконски акт донесен од министерот за финансии, во согласност со министерот за труд и социјална политика, што според подносителот е спротивно на Уставот. 

Вториот предмет е оформен по иницијатива поднесена од Хелсиншки комитет за човекови права. Во иницијативата се наведува дека со оспорените членови се напушта нивотo на заштита кое го нудат позитивните законски прописи и меѓународните конвенции и е обид да се наметне механизам за заобиколување на веке поставените правила. Подносителите наведуваат дека се создава опасност од нееднаков третман на работниците и дискриминација од страна на министерот за финансии кој  во согласност со министерот за труд и социјална политика, го пропишува начинот и местото на исплата на работниците кои работат на проекти од стратешко национално значење утврдено со закон. 

Третиот предмет е оформен по иницијатива на Сојуз на синдикатите на Македонија. Според наводите во иницијативата оспорениот акт ги нарушува принципите на еднакви права од работен однос на работниците, создава правна нееднаквост и несигурност што е во спротивност на принципите на Уставот на државата, односно спротивно на меѓународните трудови стандарди, законите од трудово правната област, Законот за спречување и заштита од дискриминација и колективните договори. 

Уставниот суд претходно извести за иницијативите и наводите со кои се оспоруваат овие законски измени. Согласно деловничките одредби кои произлегуваат од членот 21 за предметите се води единствена постапка, односно ќе биде донесена една одлука за сите предмети.

Предметите, како што посочуваат од Уставен суд, ќе бидат ставени на дневен ред откако ќе заврши претходната постапка и ќе биде предложен реферат со предлог по кој ќе се дискутира и гласа. И за оваа фаза од постапката јавноста ќе биде навреме информирана.фф/дма/

Фото: МИА архива

Остани поврзан