• сабота, 23 ноември 2024

Уставниот суд на Боливија му забрани на Ево Моралес да се кандидира за претседателските избори

Уставниот суд на Боливија му забрани на Ево Моралес да се кандидира за претседателските избори

Ла Паз, 9 ноември 2024 (МИА) - Уставниот суд на Боливија ја потврди одлуката на понискиот суд дека поранешниот претседател Ево Моралес не може повторно да се кандидира на претседателските избори во 2025 година, пренесоа светските агенции.

Судот пресуди дека избраната функција може да биде само два мандата, без разлика дали се последователни или не, и дека е исклучена можноста за трет мандат.

Оваа одлука е одговор на барањето на парламентарец кој апелираше до Уставниот суд да се произнесе по ова прашање и со тоа да го отфрли секој сомнеж за толкувањето на одлуката на понискиот суд донесена во декември 2023 година.

Моралес и актуелниот претседател Луис Арсе, кој беше негов сојузник и министер за економија во неговиот кабинет, сега се борат за контрола врз владејачката партија и за номинација на партијата за претседателските избори следната година.

Моралес дојде на власт во 2006 година и беше реизбран во 2010 година. Потоа, по уставниот амандман кој беше критикуван од опозицијата, тој беше реизбран и по трет пат. Кога се обиде да се кандидира и за четврти мандат, со обвинение за измама и под притисок на протестите, тој поднесе оставка непосредно пред претседателските избори во ноември 2019 година и побара засолниште во Мексико, а потоа и во Аргентина, пред да се врати во Боливија.сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан