• среда, 25 декември 2024

Уставен суд не донесе одлука за Законот за матична евиденција, предметот останува отворен

Уставен суд не донесе одлука за Законот за матична евиденција, предметот останува отворен

Скопје, 20 јули 2023 (МИА) – Уставниот суд на денешната седница не донесе одлука по иницијативата на политичката партија „Левица“ за оценување на уставноста на три члена од Законот за матичната евиденција.

Како што информираа од Судот, судијата известител Дарко Костадиновски предложи да се поведе постапка, односно во следната фаза да се оценува уставноста на три члена кои опфаќаат податок националност во матичните книги на родените, венчаните и умрените од Законот за матичната евиденција, но овој предлог не го доби потребното мнозинство, што значи предметот останува отворен и понатаму.

-Согласно Деловникот на Уставниот суд одлука се носи со најмалку пет гласа „за“, велат од Уставен.

Иницијативата беше поднесена на 3 јули 2023 година од страна на политичка партија „Левица”.

- Чувството на национална припадност е лично чувство на граѓанинот и не може да се докажува со јавна исправа, т.е. со документ издаден од државен орган, пред сѐ поради фактот што слободата на изразување на националната припадност го вклучува и правото на промена на чувството за национална припадност, а со практичното воведување на графа за националноста во изводот од матичните книги – како јавни регистри, се окончува еднаш изразеното национално чувство, се наведува во иницијавата на „Левица“.

Од Уставен дополнуваат дека Судот дискутирал по предмет во кој се опфатени делови од три члена од Законот за матична евиденција, што, како што наведуваат, е различен од предметот во кој е оспорено Упатството за водење на матични книги и во кој во сила останува т.н. времена мерка, односно запирање на извршување на поединечни акти кои произлегуваат од конкретното Упатство, сѐ додека Уставниот суд не донесе конечна одлука во тој случај.

Во меѓувреме, од понеделникот (18.07.2023) Управата за водење на матична евиденција продолжи да издава изводи без графата националност, односно како што беше пред министерот Кренер Лога да го воведе упатството.  ар/дма/

Фото: МИА Архива 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан