• понеделник, 23 декември 2024

Уставен суд: Надлежните да утврдат дали се работи за закана или случајност ножот на гаражното место на претседателката Кацарска

Уставен суд: Надлежните да утврдат дали се работи за закана или случајност ножот на гаражното место на претседателката Кацарска

Скопје, 15 мај 2024 (МИА) – Од Уставен суд потврдија дека во текот на вчерашниот ден, претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска, во полициска станица пријавила евентуално загрозување на сигурноста откако на нејзиното приватно паркинг место во близина на нејзиното живеалиште во непосредна близина на нејзиното возило е пронајден нож и други предмети.

Како што соопшти на денешната прес-конференција во Уставен, портпаролката Христина Беловска, оставаат на надлежните да утврдат дали се работи за закани или случајност. 

- Она што можам да го потврдам е нејзината пријава со оглед дека на нејзиниот имот, на нејзиното приватно паркинг место кое што се наоѓа во подземна гаража од затворен тип и во која што има околу 50-ина други автомобили наоколу е пронајден забоден нож на 20-ина сантиметри во прекинувачот за струја кој што се употребува токму за да се осветли делот над нејзиниот автомобил и други останати предмети за кои што повеќе информации ќе може да добиете веројатно од истрагата, рече Беловска.

Во однос на заканите, таа дополни дека имало повеќе непријатности во континуитет.

- Некои ситни инциденти во јавноста, има закани на социјалните мрежи упатено лично кон неа кои што сѐ уште се достапни и верувам дека ќе бидат и тие проверени, меѓутоа, претседателката не сакаше да се реагира за ниту еден од тие инциденти сѐ до моментот вчера кога беше пронајден и нож на нејзиниот личен имот, дополни таа.

Од Министерството за внатрешни работи претходно денеска потврдија дека е известен јавен обвинител, предметите се подигнати за вештачење и се преземаат мерки за расчистување на случајот. ар/аа/
Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан