• петок, 27 декември 2024

Усвоена потребата за носење закони за задолжување кај ММФ за претпазливост и ликвидност и кај СБ за градење институции за управување со јавните финансии

Усвоена потребата за носење закони за задолжување кај ММФ за претпазливост и ликвидност и кај СБ за градење институции за управување со јавните финансии
Скопје, 14 ноември 2022 (МИА) - Пратениците денеска на 92-та пленарна седница на Собранието изгласаа по скратена постапка да бидат донесени предлог-законите за задолжување на Република Северна Македонија кај Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) со кредитна линија за претпазливост и ликвидност, како и за задолжување на земјава со заем кај Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка по Договорот за заем за финансирање на Проектот за градење на ефективни, транспарентни и отчетни институции за управување со јавните финансии. Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски во процедурална забелешка истакна дека „лошите економски перформанси на Владата ги гледаат меѓународните финансиски институции и банките и затоа задолжувањето со еврообврзница ќе биде исклучително скапо и со камата од осум проценти“. - Овие денешни закони доаѓаат во една многу лоша економска состојба, која е аларманта. Јавниот долг од 2017 година е зголемен за три милијарди евра, односно за 600 милиони евра годишно. Принципиелно сме против задолжувањето што само вие знаете да го направите, без одредени мерки и визија за продолжување натаму, зашто цената на крајот ќе ја платат граѓаните, а може да се доведе во ризик и обезбедувањето пензија, исплата на плати, студентскиот стандард и сите реакции на граѓаните, истакна Мицевски. Тој нагласи дека со цел да докажат дека не се кочничари на законите во Собрание, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат за носењето на овие Предлог-закони, зашто, како што рече, ММФ и Светската банка „ќе го контролираат трошењето на јавните пари и нема да дозволат Владата да краде како до сега“. Заменик министерот за финансии Филип Николоски на седницата образложи зошто Владата бара овие закони да бидат донесени по скратена постапка. Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Јован Јаулевски побара дневниот ред на седницата да биде дополнет со точка Предлог-законот за субвенциониран студентски оброк, што од страна на претседателот на Собранието Талат Џафери беше одбиено, со образложение дека таа точка е ставена на дневен ред на заседанието што ќе се одржи на 16-ти ноември. - Апелирам доколку се грижите за студентите да го поддржите решението на ВМРО-ДПМНЕ и пратеничката група и оваа сага конечно да се надмине. Денешниот протест на студентите пред Собранието го оправдувам и поддржувам, бидејќи барањата на студентите се скромни. Апелирам, не мора тоа да се поени на ВМРО-ДПМНЕ, ако сакате и вие потпишете се на тој закон, нека биде заеднички, бидејќи студентите се иднината на Република Македонија, рече Јаулески. мс/сп/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан