Универзитетот „Мајка Тереза“-Скопје поднесе втор круг забелешки на законите за високо образование: Остануваат делови што мора да се доработат
- Универзитетот „Мајка Тереза“ – Скопје ги доставил до МОН забелешките за предлозите на трите закони - за високо образование, за квалитет во високото образование и за научноистражувачка дејност. Забалешките се подготвени од универзитетската комисија при Правниот факултет на УМТ и одобрени од Сенатот на Универзитетот.
Скопје, 7 април 2026 (МИА) - Универзитетот „Мајка Тереза“ – Скопје ги доставил до МОН забелешките за предлозите на трите закони - за високо образование, за квалитет во високото образование и за научноистражувачка дејност. Забалешките се подготвени од универзитетската комисија при Правниот факултет на УМТ и одобрени од Сенатот на Универзитетот.
Претседателот на оваа комисија, деканот на Правниот факултет, проф. д-р Александар Петковски, изјави дека го испочитувале рокот и вчера ги поднеле вториот круг забелешки, пред законите да влезат во владина процедура и потоа во Собрание.
-Ќе видиме сега што ќе влезе од тоа во верзијата што Владата ќе ја усвои. Генерално, делумно сме задоволни, остануваат делови коишто мора да се доработат. На пример, во врска со изборите на професорите. Беше ветено од министерката дека за тие што одат од доцент во вонреден, од вонреден во редовен, ќе важат правилата од стариот закон, а во предло-законот во меѓувреме се сменети. Тоа е многу некоректно затоа што имаш фиксен период да ги исполниш и, да речеме, имаш шест месеци до реизбор и ти ги менуваат. Можеби се работи за некој пропуст, инаку е навистина некоректно, изјави Петковски.
Имаат забелешки и во однос на метриката, односно h-индексот за цитираност. Како што рече, во ниедна соседна земја, како и пошироко, нема таков формален услов, туку повеќе се работи за лично достигнување или престиж.
-Имаме забелешка и во однос на трудовите во Scopus и Web of Science. МОН прифати и Scopus да го вклучи за општествените науки, но во општиите дефиниции на поимите од законот е напишано дека важат само Q1 и Q2, т.е. највисоките рангирани списанија од Scopus, а оваа база има и Q3 и Q4. Значи, ние бараме целата дата-база на Scopus да биде опфатена, зашто тие Q1 и Q2 се еднакви на Web of Science, рече Петковски.
Додаде дека бараат и поурамнотежен однос во односите со МОН околу актите, финансирањето, административните прашања.
-Тоа е во континуитет 30 години, МОН, како и други министерства, премногу има инструменти да ги присилува и да влијае врз јавните универзитети, а ние немаме можност да вратиме. На пример, министерот треба да одобри многу акти, финансиски план, согласности за вработување итн. Значи, кога веќе ги менуваме законите, да имаме малку поизбалнасиран однос ние со Министерството. И ако сме во некаков конфликт, да не биде тоа постојано Министерството да ти поништува, да ти враќа, укинува, туку ако мисли дека ние правиме нешто како што не треба, постои Управен суд каде што ќе бидеме еднакви странки со Министерството, додаде деканот на Правниот факултет на УМТ. хс/аа/
Фото: МИА