• петок, 05 декември 2025

Универзитетот Американ Колеџ Скопје одбележа 20 години од основањето

Универзитетот Американ Колеџ Скопје одбележа 20 години од основањето

Скопје, 10 мај 2025 (МИА) - Во Скопје денеска се одбележа јубилејот 20 години постоење на Универзитетот Американ Колеџ Скопје (УАКС). Како што соопштија од Универзитетот, на настанот беа презентирани дел од нивните достигнувања, бројката од 8.450 студенти, кои се дел од шесте активни Факултети на УАКС, како и 4.200 алумни кои даваат придонес во бизнис секторот, институциите и во граѓанското општество.

На настанот се обратија претседателката на одборот на директори и проректор за настава на УАКС, проф. д-р Венера Крлиу и ректорот на УАКС, Марјан Бојаџиев.

Како што беше истакнато на настанот, препознатливо за УАКС е тоа што е приватна образовна инстутуција која го комбинира најдоброто од европските и американските образовни стандарди и ги следи највисоките светски стандарди на академска извонредност, што резултира во кадар со интегритет, професионализам и позитивно влијание во општеството.

Американ, како што посочиле говорниците, се заснова на визијата за високо образование кое трансформира преку знаење, образование кое гради карактери и кое создава идни лидери кои понатаму ќе придонесат за развој и на општеството, и на државата.

Ректорот Бојаџиев истакнал дека работењето на УАКС е водено од принципите кои беа и останаа исти низ годините - меѓународен академски кадар, меѓународни студенти и меѓународни наставни програми, учебници и материјали. Воедно, тој посочи дека успешната приказна на Американ продолжува.

Проф. д-р Крлиу истакна дека еден од поголемите успеси вброен во достигнувањата во изминатите 20 години е и создавањето на Американската Гимназија Скопје која успешно работи и се развива веќе осум години.

-Денес Американ е универзитет каде што луѓето се најважни и се тајната состојка за успех. Секоја идеја што се реализирала, секој студент што дипломирал, секој проект што постигнал успех – е резултат и на вашиот личен влог и на заедничката работа. Резултат на доверба. На посветеност. На вредностите што ги споделуваме, подвлече проф. д-р Крлиу.

Таа додаде дека изминатите 20 години се доказ дека кога визијата е искрена, кога тимот е обединет и кога она што се работи, се работи со срце – тогаш резултатите се неизбежни.

-Затоа ова не е само јубилеј што го бележиме со бројка – ова е приказна испишана со посветеност, визија и пред сè – со луѓе. Денес не славиме само минато – туку славиме и иднина. Затоа, ве уверувам дека приказната на Американ продолжува. А најдоброто следи, рече проф. д-р Крлиу.бт/аа/

Фото: Универзитет Американ Колеџ Скопје

Остани поврзан