• вторник, 24 декември 2024

УНДП и Град Скопје го промовираа првиот сувенир-прототип изработен од биоотпад 

УНДП и Град Скопје го промовираа првиот сувенир-прототип изработен од биоотпад 

Скопје, 26 септември 2024 (МИА) - Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП) и Град Скопје денеска го претставија првиот прототип на сувенир изработен од биоотпад. Сувенирот е во форма на часовникот од старата железничка станица и е создаден во првата градска биотехнолошка лабораторија во ССУ „Марија Кири Склодовска“, која УНДП и УНИЦЕФ ја отворија во соработка со Град Скопје.

Како што информираа од УНДП, овој сувенир е изработен од отпаден материјал од оризова слама и талог од кафе а на него е прикажан часовникот на старата железничка станица, чии стрелки се застанати во пет часот и 17 минути, означувајќи го катастрофалниот земјотрес во Скопје, од 26-ти јули 1963-тата година. 

- Преку создавањето на овој прототип на сувенир од биоотпад не само што ги следиме глобалните трендови каде што биоотпадот се третира многу повеќе од ресурс во индустријата, туку се размислува и за негова примена во уметноста. Ова истражување, чиј резултат го споделуваме денеска е меѓу првите обиди во светски рамки за користење на биоотпадот како суровина за изработка на сувенири. Се надеваме дека ќе најде примена и ќе биде пример за слични идеи понатаму, изјави Постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите Нации, Армен Григорјан, пренесуваат од УНДП.

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, истакнала дека лабораторијата е од големо значење за креирање одржливи решенија со цел заштита на животната средина.

- Креиран е во првата биотехнолошка лабораторија во која со нашите средношколци отпочнавме процеси кои водат кон рециклирање и реупотреба со примена на методи за трансформација на биоотпад, е од големо значење за креирање одржливи решенија со цел заштита на животната средина, посочила Арсовска.

Целиот процес на дизајнирање, од избор на материјали до производство, како што дополнуваат од УНДП, е изведен во согласност со правилата на одржливост и циркуларната економија. Амбалажата за сувенирот, исто така, е направена од биоотпад а во неговата изработка учествувал тим од биотехнолози, професори и други стручни лица. 

- Проектот може лесно да се повтори од ученици за поттикнување на креативни и одржливи практики во образованието, посочила Натали Ристовска, експертка која работела на изработката и дизајнот на сувенирот. 

Според експертите, велат од УНДП, вакви сувенири, на едноставен начин ќе може да изработуваат и лица кои не се биотехнолози, како учениците и студентите кои ја користат отворената градска биотехнолошка лабораторија. ар/ац/

Фото: УНДП

Остани поврзан