• понеделник, 23 декември 2024

Унгарија воведува програма „Златна виза“ за странски инвеститори

Унгарија воведува програма „Златна виза“ за странски инвеститори

Будимпешта, 2 август 2024 (МИА) - Од почетокот на следната година во Унгарија започнува таканаречената програма „Златна унгарска виза“, одобрена од Владата на премиерот Виктор Орбан.

Со купување недвижнина во Унгарија, инвеститорот ќе добие право на десетгодишен престој во земјата, а исто така ќе добие унгарски пасош, кој ќе му овозможи неограничено движење во Шенген зоната. Услов е купување недвижнина со вредност од најмалку половина милион евра.

Втората опција за добивање десетгодишна дозвола за престој и унгарски пасош е инвестирање од најмалку 250.000 евра во инвестициски фондови за недвижнини кои ги издава Унгарската народна банка. Третата опција е јавна донација од најмалку еден милион евра.

Законот не наведува дека оваа пракса не треба да се однесува на државјаните на Руската Федерација и Белорусија. Истовремено, Русија повеќе од две години води агресорска војна против соседна Украина, а режимот на белорускиот претседател Александар Лукашенко ја поддржува руската агресија.

Како што истакнува порталот Index.hu, најголем интерес за оваа програма досега покажале граѓаните на Кина.

- Кинезите се уште денес заинтересирани за недвижнини во главниот град, забележа Оран Бен-Езра, експерт за продажба на недвижнини во Будимпешта. - Некои нови недвижнини во Будимпешта се прескапи дури и за странските купувачи, па бараат поевтини опции на периферијата на градот, додаде тој.

Унгарија исто така ќе има корист од програмата „Златна виза“. Државата и Унгарската народна банка на краток рок ќе имаат корист од доаѓањето на странските инвеститори и тоа ќе го поттикне пазарот на недвижнини, рече Бен-Езра.

Но, Русите и Белорусите уште од јули оваа година можат да влезат во Европската Унија преку Унгарија. Тие можат да се регистрираат во земјата како странски работници со национална лична карта и потоа да користат слободно движење во рамките на Шенген.

Андраш Рац, унгарски експерт за Руската Федерација, изјави дека со овој чекор Унгарија широко го отвора пазарот на труд за Русите и Белорусите. Рац го гледа ова како голем безбедносен ризик.

Унгарија одлучи од 8 јули 2024 година граѓаните на осум земји - Босна и Херцеговина, Северна Македонија, Белорусија, Молдавија, Црна Гора, Руската Федерација, Србија и Украина - да можат да работат на нејзината територија под поволни услови.

Барањето за национална лична карта може да се поднесе за две години, но потоа е можно повторно поднесување барање за продолжување на нејзината валидност секој пат за уште три години без никакви дополнителни ограничувања. ссм/

фото: архива

Остани поврзан