• понеделник, 23 декември 2024

Унапредени се односите со Бугарија, за секој напредок ја информираме јавноста,вели Ковачевски

Унапредени се односите со Бугарија, за секој напредок ја информираме јавноста,вели Ковачевски
Скопје, 1 април 2022 (МИА) - Опипливите резултати на работните групи и унапредените односи меѓу Северна Македонија и Бугарија даваат причина за задоволство и кај премиерот на Бугарија, Кирил Петков и кај мене, вели премиерот Димитар Ковачевски. Во емисијата „360 степени“ на Алсат М, Ковачевски рече дека задоволството се должи на напредокот на работата на работните групи, бидејќи сега има дијалог наспроти минималната комуникација претходно, кога медиумскиот простор беше доминиран од пропагандисти кои ширеа хистерија. -Од формирањето на работните групи имаме опипливи резултати – го имаме авионскиот лет, кој функционира, имаме и први стипендии кои се доделуваат за наши студенти во Бугарија, а вчера имаше средба за проекти за прекугранична соработка. Тоа е тоа што дава задоволство и кај премиерот на Бугарија и кај мене, рече Ковачевски. Премиерот исто така потенцираше дека за јазикот, идентитетот и посебноста на македонскиот народ по сите основи не се предмет и нема да бидат предмет на разговори. Тој додаде дека опозицијата била повикана да учествува во работните групи со Бугарија, но тие го одбиле тоа. -Јас сум убеден дека секој договор што ќе биде постигнат, ќе биде критикуван од опозицијата, како што тие беа против сите договори кои државата ги направила со цел да се направи стратешки исчекор, вели премиерот. Како што посочи Ковачевски во емисијата „360 степени“ на Алсат М, и тој и Петков се задоволни од работата на работните групи бидејќи, како што додава, се менува комуникацијата меѓу двете држави и од минимум сега има соработка и заеднички планови и акции. -Постојат поединци, групи, па дури и политички партии кои се финансирани од трети држави, кои не сакаат да ја видат Северна Македонија во ЕУ и работат против евентуален договор со Бугарија,  изјави премиерот Ковачевски. Додаде дека и овие денови се забележуваат реакции од таквите пропагандисти кои обвинуваат за национални предавстава и од двете страни и во Софија и во Скопје. Коментирајќи ја изјавата на бугарскиот премиер Кирил Петков за протерувањето на пет руски дупломати кои работеле против договор меѓу Бугарија и Северна Македонија, Ковачевски изјави дека му верува на неговиот бугарски колега, бидејќи таа изјава е базирана на информациите од бугарските служби. -Немам детали, но сигурно дека тоа што е за споделување, нивните агенции за национална безбедност ќе соопштат, рече Ковачевски. дма/

Остани поврзан