• четврток, 07 ноември 2024

Украинскиот парламент го ратификуваше Римскиот статут на Меѓународниот кривичен суд

Украинскиот парламент го ратификуваше Римскиот статут на Меѓународниот кривичен суд

Киев, 21 август 2024 (МИА) - Украинската Врховна Рада усвои закон за ратификација на Римскиот статут на Меѓународниот кривичен суд и неговите амандмани.
Според пратеникот од партијата „Голос“, Јарослав Железњак, за Законот гласале 281 пратеник, пренесува Укринформ.

Целта на законот е да ги спроведе домашните процедури потребни за стапување во сила на Римскиот статут на Меѓународниот кривичен суд и неговите амандмани усвоени од Собранието на државите членки на Римскиот статут.

Украина изјавува дека барањето на МКС за соработка може да се испраќа преку дипломатски канали или директно до Канцеларијата на Генералниот обвинител (за истрага и судење) или до Министерството за правда (за прашања поврзани со извршување на пресуди и други одлуки на МКС донесени како резултат на истрагата на случајот). Истовремено, Украина изјавува дека барањето за соработка на МКС и сите придружни документи мора да бидат доставени на украински јазик или придружени со превод на украински јазик.

Документот за ратификација на Римскиот статут предвидува дека Украина нема да ја признае надлежноста на Меѓународниот кривичен суд за воени злосторства во период од седум години ако прашањето се однесува на украински граѓани.

Украина планира да се приклучи на ажурираната верзија на Статутот на МКС, кој исто така го вклучува и член 8 бис (според кој „злосторството агресија“ се дефинира како планирање, подготовка, иницирање или извршување од страна на лице кое е во позиција ефикасно да ја контролира или да ја насочува политичката или воената акција на една држава, на акт на агресија што, по својот карактер, тежина и размери, претставува очигледно кршење на Повелбата на Обединетите нации).

Римскиот статут ќе стапи во сила за Украина на првиот ден од месецот што следи по 60-тиот ден од датумот на депонирање на инструментот за ратификација кај Генералниот секретар на Обединетите нации.

По стапувањето во сила на законот и Римскиот статут, државата ќе стекне целосно членство во Меѓународниот кривичен суд и ќе може да учествува во Собранието на државите членки на МКС и да ја обликува политиката на МКС, да номинира свој кандидат за позицијата судија, да одобри распределувањето на буџет на МКС за да се обезбеди соодветна истрага на руските злосторства во Украина, да учествува во изборот на судии и други избрани функционери (особено обвинителот на МКС) и да влијае на развојот на измените на Римскиот статут.

Се очекува дека усвојувањето на законот ќе обезбеди потребно ниво на имплементација на одредбите на Римскиот статут на Меѓународниот кривичен суд во однос на кривичното гонење за меѓународни злосторства (злосторството геноцид, злосторството агресија, злосторствата против човештвото и воените злосторства), а исто така ќе обезбеди превенција на правна и фактичка неказнивост за извршувањето на овие злосторства.

Веќе 124 држави го ратификувале Римскиот статут на МКС. Кина, Индија, Белорусија, Турција, Казахстан, меѓу другите, не го потпишале или ратификувале Статутот.

Русија и САД го потпишаа Статутот, но подоцна ги повлекоа своите потписи.

Украина го потпиша Римскиот статут на 20 јануари 2000 година. ссм/

фото: архива

Остани поврзан