• понеделник, 23 декември 2024

Украинскиот град Херсон најави 58-часовен полициски час од петок

Украинскиот град Херсон најави 58-часовен полициски час од петок

Киев, 3 мај 2023 (МИА) - Градот Херсон во близина на линијата на фронтот во јужна Украина од петок ќе биде под полициски час 58 часа, изјави локален официјален претставник, додека Украина се подготвува за пролетна офанзива.

Украинските власти во минатото користеа долги полициски часови за да го олеснат движењето на војниците и оружјето.

Шефот на регионалната воена администрација на Херсон, Олександр Прокудин, рече дека полицискиот час ќе трае од 17 часот по Гринич в петок до 03 часот по Гринич в понеделник.

„Во текот на овие 58 часа е забрането движење по улиците на градот. Градот исто така ќе биде затворен за влез и излез“, објави Прокудин на Телеграм, советувајќи ги жителите да складираат храна и лекови.

Прокудин рече дека жителите можат да одат на кратки прошетки во близина на нивните куќи или да посетуваат продавници, но треба да носат документи за идентификација со себе.

Најавата за полициски час дојде откако официјални лица соопштија дека три лица загинале, а петмина се повредени во рускиот напад денеска врз единствениот хипермаркет во Херсон. паг/

Фото: МИА архива

Остани поврзан