• сабота, 16 ноември 2024

Украинците со дронови уништиле противоздушен систем С-400 на руско тло

Украинците со дронови уништиле противоздушен систем С-400 на руско тло

Киев, 4 октомври 2023 (МИА) – Украина денеска ја презеде одговорноста за уништувањето на модерен противвоздушен систем С-400 на руска територија, по ноќта во која Русија објави дека соборила 31 беспилотно летало и го одбила обидот за десант на анектираниот Крим.

Извор од украинските безбедносни служби (СБУ) за француските медиуми изјави дека Киев го нападнал системот С-400 со беспилотни летала во рускиот пограничен регион Белгород, регион што е редовна цел на нивните напади. 

-Причината за ноќните експлозии во регионот на Белгород е позната: СБУ го нападна противвоздушниот систем С-400, изјави изворот, кој сакаше да остане анонимен.

СБУ во септември ја презеде одговорноста и за нападот врз првиот систем С-400 на Крим. 

Руското Министерство за одбрана соопшти дека во текот на ноќта соборило 31 украински беспилотно летало над регионите Белгород, Брјанск и Курск, кои се граничат со Украина. Во него не се споменуваат жртви или штети.

Според гувернерот на провинцијата Брјанск, Александар Богомаз, украинските сили истрелале касетна муниција врз неколку села во јужниот руски регион Брјанск. 

Украина доби касетна муниција од САД и вети дека ќе ја користи само за елиминирање на концентрациите на непријателски војници.

Касетната муниција е забранета во повеќе од 100 земји. Вообичаено таа фрла поголем број помали бомби што можат да убијат на голема површина, а неексплодираните може да бидат опасни со децении.

Нападите со беспилотни летала и бомбардирањето на руската територија се интензивираа и станаа речиси секојдневни откако украинската војска во јуни ја почна својата долго најавува контраофанзива. 

Руското Министерство за одбрана, исто така, во средата објави дека го отфрлило обидот за истоварување на украински војници на Крим. сд/

Остани поврзан