• вторник, 24 декември 2024

Украина тврди дека руските сили добивале терминали Старлинк од трети земји

Украина тврди дека руските сили добивале терминали Старлинк од трети земји

Киев, 12 февруари 2024 (МИА) - Руските сили илегално добиваат сателитски терминали Старлинк од трети земји и ја зголемуваат нивната употреба на фронтот, изјави денеска портпаролот на украинската воена разузнавачка служба, но не понуди докази за тоа.

Портпаролот на военото разузнавање, Андриј Јусов, исто така, рече дека во тек се напори за спротивставување на употребата на руските сили на брзи сателитски интернет терминали произведени од компанијата SpaceX на Илон Маск. Според него, со нивна помош тие ги координираат своите напади во окупираните делови на Украина.

- Шверц од трета страна, рече Јусов на прашањето како Русија ги набавила терминалите. Употребата (на тие уреди) на фронтот е зголемена, рече тој. Прашан дали Украина се обидува да ја спречи Москва да ги користи, тој рече дека „во моментов се работи“ на ова прашање.

Украина, која користи Старлинк за воени комуникации во војната со Русија, вчера соопшти дека руските трупи ги користат терминалите на сателитската интернет услуга Старлинк на Илон Маск.

Главната разузнавачка управа на украинското Министерство за одбрана на Телеграм вчера објави аудио снимка од пресретнат разговор меѓу двајца руски војници, посочувајќи дека снимката е доказ дека Старлинк „системски“ се користи, објави украинскиот сервис на Радио Слободна Европа.

Компанијата SpaceX, која управува со терминалите Starlink, на 8 февруари на мрежата Икс соопшти дека „не соработува на кој било начин со руската влада или нејзината војска“ и дека нивниот сервис не работи во Русија.

Разузнавачката агенција соопшти дека на аудио снимката објавена на Телеграм, се слушаат војници од 83-та воздушна јуришна бригада на Русија како разговараат за поставување терминал во источна Украина.

Од друга страна, Кремљ денеска соопшти дека сателитскиот интернет систем Старлинк на Маск ниту е сертифициран за употреба, ниту официјално е испорачан во Русија и затоа не може да се користи.

- Тоа не е сертифициран систем кај нас. Затоа, не може официјално да се достави тука. Затоа, не може официјално да се користи на кој било начин, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Во коментар на социјалната мрежа X, Илон Маск рече дека според неговите сознанија „никакви ’Старлинк‘ не се продадени директно или индиректно на Русија“.

„Голем број извештаи за лажни вести тврдат дека SpaceX и продава терминали на Starlink на Русија. Ова е категорично неточно“, додаде тој.

Старлинк е мрежа од повеќе од 2.000 сателити кои орбитираат околу Земјата во комуникација со илјадници терминали на земјата. Тој беше активиран низ Украина кон крајот на февруари 2022 година, откако интернет услугите беа прекинати поради руската инвазија. ссм/

фото: ЕПА архива

Остани поврзан