Украина: Напаѓаме само воени цели во Русија, не ја гаѓаме енергетската инфраструктура
- Во соопштението се наведува дека руското Министерство за одбрана продолжува да шири дезинформации, обвинувајќи ја Украина за напади врз енергетски капацитети во Русија и на окупираните територии.

Киев, 28 март 2025 (МИА) - Украинската армија строго се придржува кон договорите со меѓународните партнери и не напаѓа руска енергетска инфраструктура, туку цели исклучиво воени објекти, соопшти Генералштабот на вооружените сили на Украина преку „Фејсбук“, пренесе Укринформ.
Во соопштението се наведува дека руското Министерство за одбрана продолжува да шири дезинформации, обвинувајќи ја Украина за напади врз енергетски капацитети во Русија и на окупираните територии.
Во исто време, Москва самата ги крши меѓународните договори, напаѓајќи ја украинската енергетска инфраструктура. Само во последните 24 часа, руска артилерија оштети енергетски објекти во Херсонската и Полтавската област, соопшти Киев.
„Очекуваме соодветна реакција од нашите меѓународни партнери“, се наведува во соопштението на украинскиот Генералштаб.
Според украинските власти, Москва води дезинформациска кампања со цел да ја дискредитира Украина и да ги поткопа нејзините дипломатски напори и оние на нејзините сојузници.
„Стратегијата на Русија за продолжување на војната останува непроменета“, се додава во соопштението.
Руското Министерство за одбрана претходно ја обвини Украина дека денеска извршила напад со ракетен систем ХАЈМАРС врз гасомерната станица „Суџа“ во руската Курска област. Според првичните извештаи, нападот предизвикал пожар што ја уништил постројката.
Меѓутоа, Андриј Коваленко, шеф на украинскиот Центар за борба против дезинформации, изјави дека Русија самата е одговорна за нападот врз гасомерната станица во Суџа. ссм/
фото: ЕПА