• недела, 06 јули 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

УКИМ-Скопје и УКЛО-Битола домаќини на светска конференција за криминологија ЕУРОКРИМ 2027

УКИМ-Скопје и УКЛО-Битола домаќини на светска конференција за криминологија ЕУРОКРИМ 2027

Битола, 25 февруари 2025 (МИА) - Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ-Скопје и Правниот факултет при УКЛО-Битола  ќе бидат домаќини на европскиот собир ЕУРОКРИМ кој во 2027 година ќе се одржи во Скопје.

На прес-конференција во битолскиот Ректорат, ректорот Игор Неделковски истакна дека организацијата на големиот академски европски настан е историска за Универзитетот, Факултетот, но и за правната струка во Македонија.

-Чувствувам голем восхит од позицијата на нашиот Правен факултет-Кичево кој со заеднички сили со Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ-Скопје ја добија организацијата на меѓународна конференција на ЕУРОКРИМ на која во земјава ќе пристигнат над 1.800 учесници, посочи ректорот Неделковски кој заедно со проректорот Горан Илиќ, му честитаа на тимот професори и деканката Светлана Велјановска од Правниот факултет, вклучени во апликацијата.

Организација на ЕУРОКРИМ 2027 е доверена од страна на Европското здружение за криминологија, а во локалниот организациски комитет како претставници на Правен факултет при УКЛО избрани се професорите Ангелина Станојоска, Ице Илијевски и Ивона Шушак Лозановска, додека од Правен факултет „Јустинијан Први“ избрани се професорите Гордана Лажетиќ, Александра Груевска Дракулевски и Бобан Мисоски.

-Доверената организација на ЕУРОКРИМ е важна вест за државата, но и за науката во сегментот криминилогија во нашата земја. Европското здружение за криминологија ни довери заедничка организација на годишна конференција по криминологија која ќе се одржи од 15 до 18 септември 2027 година во главниот град Скопје. Тоа е најголемата конференција за криминологија во светот и учествуваат криминолози од Европа, САД, Австралија и други земји. Ние заедно со бордот ќе присуствуваме на претстојните две конференции што ќе се одржат оваа година во Атина и во Варшава во 2026 година, а потоа во 2027-ма големиот настан ќе биде во Скопје каде ќе се зборува за сите области на криминолгогијата. Всушност, да добиете ЕУРОКРИМ тоа значи дека во државата криминологијата се развивала години наназад и има со што да се пофалите, истакна професорката Ангелина Станојоска.

Организацијата на ЕУРОКРИМ, најголема светска конференција за криминологија, значи потврда дека правните факултети на државните универзитети не треба да се гледаат како конкуренција и дека треба да работаат заедно во функција на науката, беше посочено на прес-конференција во ректоратот на УКЛО во Битола.мт/вј/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан