• сабота, 23 ноември 2024

Ударите кои ги задала обвинетета Клементина Левковска не придонеле кон смрта на Денис Тот, смета одбраната на обвинетата

Ударите кои ги задала обвинетета Клементина Левковска не придонеле кон смрта на Денис Тот, смета одбраната на обвинетата
Скопје, 26 септември 2022 (МИА) - Ударите кои ги задала Клементина во никој случај не можат да придонесат за смрт, смета одбраната на обвинетата Клементина Левковска во врска со случајот за убиството на хрватскиот ракометар Денис Тот, кој беше претепан до смрт пред ноќен клуб во Градскиот парк. Одбраната на Левковска, во изјава за медиуми по денешната расправа од случајот пред Кривичниот суд во Скопје кажа дека сметаат дека квалификацијата на кривично дело „убиство“ кое ѝ се става на товар на обвинетата е неосновано. - Ние ја брнаиме дека го нема направено кривичното дело што ѝ се става на товар, изјави адвокатот Бојан Василевски. Одбраната не сакаше да ги коментира тврдењата на вештите лица и посочи дека во вештачењето стои дека е друга причината на смрта. - Тврдењето и вештачењето на денешните излагања на вештите лица се релативизира откако им беше предочено дека во вештачењето има друго напишано. Се релативизира како е настаната таа повреда, имаме уште две лица за испрашување, ќе видиме понатаму, беа согласни адвокатите Бојан Василевски и Емил Гугутчески. Согласно обвинителниот акт, Левковска, заедно со обвинетите Анџело Ѓоргиевски и Андреј Костовски се товарат дека на 7 април, пред ноќен клуб во Градскиот парк во Скопје, заеднички го лишиле од живот оштетениот Денис Тот. – По кратка расправија, сите тројца му нанеле повеќе удари и тешки телесни повреди од кои кај оштетениот најпрво настанала коматозна состојба, а следниот ден починал, се вели во соопштението од Обвинителство објавено на 21 јули годинава. Денешното рочиште за случајот продолжи со изведувањето на доказите на обвинението со сведочење на вештите лица Александар Станков и Рената Јанкова од Судска медицина при Медицинскиот факултет во Скопје. Вештите лица на денешното рочиште беа согласни дека повредите кои ги задобил сега покојниот се класифицирани како тешка телесна повреда со опасност по живот и истите се поврзани со смртниот исход на оштетениот. - Како причина за смрт наведено е дека смртта настанала заради нагмечување на големиот мозок и нагмечување на рбетниот мозок, меѓутоа, како критична повреда од настапување на смрт врз основа на целокупната клиничка слика кај сега починатиот е повредата на почетен дел од рбетниот мозок, појасни вештото лице Александар Станков. Вештото лице Рената Јанкова кажа дека некои повреди може да се квалификуваат изолирано, па потоа да се зборува за севкупно дејство на повредите. - Меѓутоа, ако ги разгледуваме поеиднечно, на пример една од повредите, да ја земеме повредата која што довела до неконкретна скршеница на носната коска, може да биде телесна повреда, меѓутоа, ако истата таа повреда довела до потрес на мозокот во тешка форма, тогаш е тешка телесна повреда, рече таа. Тие беа вкрстено испрашани и од одбраната на обвинетите во однос на подробни прашања во врска со наводите од извештаите за вештачење и обдукција, а обвинетиот Анџело праша дали е утврдено од кој тапотврд удар е доведено до ротација на главата и повреда на рбетниот мозок. - Не можеме да го конкретизираме. Ние можеме да знаеме само тоа што ќе го видиме и да ги знаеме механизмите, тоа е во доменот на нашата струка, одговори вештото лице Јанкова, дополнувајќи дека ако можело да се утврди, вештите лица би се произнеле по тоа. Одбраната во своите воведни зборови кажа дека не смета дека правната квалификација за кривичното дело „убиство“ кое им се става на товар на обвинетите за смртта на хрватскиот ракометар е одржлива и дека ќе докажува дека не постои умисла за истото. Обвинителството, пак, на првото рочиште истакна дека располага со две ЦД-а од безбедносни камери од кои јасно може да се види целиот настан кој се случил критичната вечер, а пред сѐ, поединечно, дејствијата на секој од обвинетите кои ги презеле тој ден. Обвинетите за убиството на хрватскиот ракометар пред Судечкиот совет во Основниот Кривичен суд – Скопје, изјавија дека не се чувствуваат виновни за кривичното дело кое им се става на товар. Процесот го води судијката Елена Илиевска Јосифовиќ, а застапник на обвинението е обвинителката Тања Трајчевска. Судењето продолжува на 3 октомври. ар/аа/

Остани поврзан