• вторник, 24 декември 2024

Увид во работењето на Општата болница во Кочани направи заменик министерката за здравство Манолева

Увид во работењето на Општата болница во Кочани направи заменик министерката за здравство Манолева

Кочани, 11 декември 2023 (МИА) – Низа активности за подобрување на просторните, техничките и кадровските капацитети се преземени во изминатиот период во Општата болница со проширена дејност во Кочани, со што за граѓаните и пациентите од регионот се унапредува нивото и квалитетот на добивање на здравствените услуги, оцени заменик министерката за здравство Маја Манолева по направениот увид во работењето на кочанската здравствена институција.

-Во изминатите шест години во оваа болница се вработени над 70 лица со решенија за неопределено работно време, најголем дел од нив се медицински персонал и здравствени работници, а останатите се помошен персонал и административни службеници. На специјализација се упатени и 15 лекари, од кои наскоро неколкумина ќе завршат и ќе можат да им ги пружаат медицинските услуги на пациентите, истакна заменик министерката Манолева.

Освен тоа, додаде, општествено одговорни компании, но и граѓани донирале многу опрема, а дополнително се набавени уреди и опрема за потребите на болничките одделенија, меѓу кои е мобилен рентген апарат што од 1 јануари ќе почне да се користи на Одделението за хирургија и ортопедија, како и 12-канален ЕКГ апарат за потребите на Итната медицинска помош.

При посетата на Општата болница беше направен увид во завршената реконструкцијата на радиолошкото одделение каде е инсталиран мамограф, а адаптирана е и просторија за уред за компјутерска томографија, што како донација ја обезбедува Клиниката за неврологија од Скопје.

-Очекуваме опремата за компјутерска томографија да пристигне наредните денови, а за кратко време по нејзиното инсталирање и соодветната процедура за испитување ќе ја ставиме во употреба. Со тоа, за првпат во нашата институција ќе можат да се прават вакви прегледи за пациентите, кои не се само од Кочани, туку и од соседните општини Виница, Делчево, Берово, Македонска Каменица, Пехчево и останатите, истакна в.д. директорката на Општата болница, Душанка Горгиева – Трпевски.

Во болницата во Кочани направени се инфраструктурни зафати што можат да помогнат во енергетската ефикасност, но и за подобри услови за работа на вработените.та/вј/

Фото: МИА

Остани поврзан