„Уан дајрекшн“ повторно заедно, на сцената на „БРИТ наградите“ - заради последна почит кон загинатиот Лијам Пејн
- Зејн Малик, Хари Стајлс, Луис Томлинсон и Нијал Хоран би можеле повторно да се обединат и да изведат настап во почит на нивниот починат колега од бендот.
Лондон, 27 јануари 2025 (МИА) - Ирско-британскиот поп-состав „Уан дајрекшн“ (One direction) би можел повторно да се обедини на сцената - првпат по нивното распуштање во 2016 година, и по смртта на нивниот поранешен член Лијам Пејн, кој треба да биде награден на овогодишните „БРИТ награди“, пишува „Мирор“.
Според наводите, на доделувањето на наградите се планира оддавање посебна почит за младиот, несреќно загинат пејач, кој зад себе го остави седумгодишниот син Бер со поранешната судијка на „Икс-фактор“ - Шерил Твиди. Неофицијални извори посочуваат дека преостанатите членови на поп-групата - Зејн Малик, Хари Стајлс, Луис Томлинсон и Нијал Хоран би можеле повторно да се обединат и да настапат во почит на нивниот починат колега од бендот.
„Оддавањето почит кон Лијам на годинешните награди предизвика големо внимание и гласини дека преостанатите членови на 'Уан дајрекшн' конечно би можеле да се обединат на сцената. Тоа би било исклучително соодветен начин да му се оддаде почит на Лијам, и разговорите веќе почнаа. Со тој миг на 'БРИТ наградите' тој нема да биде незаборавен“, изјави неименуваниот извор за „Сан“.
На тој настап, се вели, би можеле да учествуваат и други музички ѕвезди.
„Подготовките сѐ уште се во рана фаза, а подробностите сѐ уште се разработуваат и наредниве недели ќе им се посвети поголемо внимание. Планирана е комбинација од настапи, фото-видеомонтажи и настап во живо со оркестар“, додава неименуваниот извор.
Поранешниот поп-состав, инаку, има освоено седум „БРИТ награди“, од нивното основање во 2010 година, во емисијата „Икс-фактор“. Лијам трагично загина лани на 16 октомври, на 31-годишна возраст, при пад од третиот кат на хотел во Буенос Аирес, Аргентина. Обдукцијата потврди дека Лијам починал на местото на несреќниот случај. си/ми/
Фото: МИА архива