• сабота, 23 ноември 2024

Турција ја зголеми основната каматна стапка на 40 отсто

Турција ја зголеми основната каматна стапка на 40 отсто

Анкара, 23 ноември 2023 (МИА) - Турската централна банка денеска ја зголеми основната каматна стапка шести месец по ред на 40 отсто, што е највисоко ниво откако турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган е на власт.

Банката ја зголеми основната каматна стапка (еднонеделната репо стапка) за пет процентни поени во однос на минатиот месец.

Финансиската институција во соопштението за печат наведува дека нивото на затегнување на монетарната политика е многу блиску до она што е потребно и затоа темпото на зголемување на каматите ќе се забави.

Во јуни, турската Централна банка ја зголеми основната каматна стапка од 8,5 отсто на 15 отсто за првпат од 2021 година и вети построга монетарна политика и контрола на инфлацијата. Тоа беше прво зголемување на стапката на новиот шеф на централната банка Хафиз Гаје Еркан.

Банката почна да ги намалува каматните стапки на крајот на 2021 година, во согласност со ставот на Ердоган дека со намалувањето на стапките се бори против инфлацијата, што е во спротивност со традиционалната економска теорија.

Инфлацијата во Турција минатата година достигна 85 отсто, што е највисоко ниво во последните 24 години.

Годишната стапка на инфлација во Турција се забрза трет месец по ред во септември 2023 година, достигнувајќи 61,5 отсто од 58,9 отсто во август.

Централната банка на Турција на почетокот на месецот ги зголеми прогнозите за раст на цените за оваа и следната година на 65, односно 36 отсто. ссм/

Остани поврзан