• вторник, 24 декември 2024

Турција не ја одобрува трилатералната средба меѓу Ерменија, САД и ЕУ во Брисел поради отсуството на Азербејџан

Турција не ја одобрува трилатералната средба меѓу Ерменија, САД и ЕУ во Брисел поради отсуството на Азербејџан

Брисел, 5 април 2024 (МИА) - Турција не ја одобрува трилатералната средба меѓу Ерменија, САД и ЕУ, закажана за денеска во Брисел, поради отсуството на Азербејџан, што, според официјална Анкара,  го поткопува неутралниот пристап на регионот кон сложените прашања, потенцијално поттикнувајќи геополитичка конфронтација, јави агенцијата Анадолија.

На трипартитниот состанок денеска во Брисел ќе учествуваат претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, и ерменскиот премиер, Никол Пашинјан.

„Наша одговорност е јасно да нагласиме дека трилатералната средба меѓу Ерменија, ЕУ и САД на 5 април ќе го поткопа неутралниот пристап што треба да биде основа на решението на сложените проблеми во регионот“, соопшти турското Министерство за надворешни работи.

„Оваа иницијатива, која го исклучува Азербејџан, ќе го отвори патот Јужен Кавказ да стане зона на геополитичка конфронтација наместо да му служи на мирот“, се додава во соопштението.

Министерството го повтори својот повик до трите страни да ги земат предвид регионалните фактори и непристрасно да ги ангажираат страните во конфликтот.

Според турското Министерство за надворешни работи, ослободувањето на Азербејџан на неговите окупирани територии по втората војна во Нагорно-Карабах во 2020 година и последователното враќање на суверенитетот над сите нејзини земји преку операцијата од 19 до 20 септември 2023 година претставува „историска можност“ за долгорочен мир и стабилноста во регионот.

„Во време кога успехот на оваа историска можност е толку блиску, уште поважно е трите страни, особено актери надвор од регионот, да заземат фер и непристрасен пристап кон процесот и внимателно да избегнат каква било штета за него“, се наведува во соопштението на турското Министерство за надворешни работи. сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан