• вторник, 24 декември 2024

Тупанчески: Наш најголем предизвик е примена на легислативата

Тупанчески: Наш најголем предизвик е примена на легислативата
Струга, 2 јуни 2022 (МИА) – Здружението на правници е форум на отворени дијалози, кои се фокусираат на прашања од заеднички интерес за граѓанското општество. Само здружени може да ги остварите и заштитите своите стручни, но и други интереси и организирано да помагате и дејствувате во остварувањето на Република Северна Македонија како правна држава во која владее правото. Тоа им го порача министерот за правда Никола Тупанчески на 83. Средба на правници што од денеска се одржува во Струга во организација на Здружението на правници на РСМ. Најголем предизвик, според него, ќе им биде создавањето услови легислативата да се применува во пракса. - Проблемот на законите е во нивната примена. Оттука наш најголем предизвик е како да создадеме услови легислативата да се применува во пракса. Ве повикувам организирано да дејствувате во изградбата и доградбата на правниот и политичкиот систем како и во јакнење на правната свест прилагодовувајќи се на потребите на времето, нагласи министерот за правда. Говорејќи за реформите во правниот систем, се осврна на изработката на неколку законски решенија меѓу кои законите за граѓанска одговорност за клевета и навреда, за Академија на судии и јавни обвинители, за адвокатура, за парнична постапка, за спречување корупција, новиот Кривичен законик, потекло и конфискација на имот, за персонален данок на доход.... Пред присутните се осврна и на последниот пакет од четири закони со кои се зголемуваат платите на вработените во правосудниот и обвинителниот систем. - Владата го усвои и пакетот од четири закони со кои се зголемуваат платите на вработените за 15 отсто во правосудниот и обвинителскиот систем. Тоа се законите за плати на јавните обвинители, за судска служба, за јавнообвинителска служба и за членовите на Советот на јавни обвинители со што се овозможува зголемување на отчетноста и одговорноста на судиите и јавните обвинители, кои ќе придонесат да се подобри перцепцијата но и довербата на граѓаните во судството, рече Тупанчески нагласувајќи дека треба да го оправдаат зголемувањето со враќање на довербата кај народот. сс/дма/

Остани поврзан