• сабота, 23 ноември 2024

Тупанчевски: Верувам дека до крајот на годината ќе биде донесен новиот Кривичен законик

Тупанчевски: Верувам дека до крајот на годината ќе биде донесен новиот Кривичен законик
Скопје, 17 февруари 2022 (МИА) – Првата верзија од новиот Кривичен законик верувам дека ќе биде готова пред одморите, по што ќе се отвори широка расправа и до крајот на годината ќе биде донесен,  најави вечерва министерот за правда Никола Тупанчевски во емисијата „Вин-вин“ на телевизија Телма. Тупанчевски посочи дека досега има околу 37 измени на актуелниот Кривичен законик, од кои дел се правени инстантно и на дневна основа и дека целта е сега таквиот тип на работа да биде избегнат, со тоа што на новите текстови веќе подолго време работат работните групи од Министерството со помош на странски експерти. Смета дека постои потреба од детектирање на состојбите и брзо да се реагира за отстранување на одредени аномалии коишто се составен дел од правосудниот систем. - Дефинитивно никогаш повеќе не треба да се повикуваме дека криво е правосудството. Ќе треба еднаш засекогаш да застанеме и дадеме име и презиме, идентификација, да се персонализираат и состојбите, меѓутоа и лицата кои придонесуваат за таквото негативно стојалиште или негативен став кон овие состојби, изјави Тупанчевски. Вели дека капацитетот на Министерството за правда во моментот е насочен кон тоа да направи колку што е можно повеќе за да се создадат оптимални услови за некои состојби да не се повторуваат. - Факт е дека треба да се менуваат работите. Стојам на тоа дека тоа не може да се направи преку ноќ или некои состојби што траеле со декади наназад би можеле да се решат за месец и еден ден, колку што сум на позицијата. Верувам дека ќе имам малку повеќе можности, разбирање и соработка со сите останати инститиуции чија што задача е да стигнеме до она што се нарекува правда, изјави Тупанчевски. Во однос на одлуката на судот во Стразбур за повлекувањето на аболицијата од Ѓорге Иванов, Тупанчевски нагласи дека Република Северна Македонија дефинитивно го дала својот максимум во одбрана на ставовите. - Ова е спор што се води и се уште нема епилог во која насока ќе се движи. Одлуката се уште не е донесена и треба да почекаме ЕСЧП да се произнесе. Одлуките на Европскиот суд за човекови права се составен дел од нашата регулатива и треба да бидеме подотвени на се, односно да бидеме внимателни, рече Тупанчевски. Посочи дека се работи на нов Закон за помилување, на којшто уште додека раководел со работната група во состав на Министерството за правда пред да стане министер, биле воспоставени маргините како да не се остави простор да биде погрешно толкуван или некоја одредба да му даде преголема екстензија на претседателот, односно министерот или другите субјекти. аа/бак/

Остани поврзан