Тунески: Законски е спроведена јавната набавка за превоз на ученици за 2023 година
- Прилепската локална самоуправа категорично ги отфла обвинувањата на СДСМ од Прилеп дека градоначалникот и директорите на петте средни училишта го прекршиле законот со незаконски јавни набавки за превозот на учениците од населените места. На денешната прес - конференција, локалната самоуправа ова го нарече ширење лаги и невистини.
Прилеп, 10 декември 2024 (МИА) -Прилепската локална самоуправа категорично ги отфла обвинувањата на СДСМ од Прилеп дека градоначалникот и директорите на петте средни училишта го прекршиле законот со незаконски јавни набавки за превозот на учениците од населените места.
На денешната прес - конференција, локалната самоуправа ова го нарече ширење лаги и невистини.
-Најодговорно тврдиме дека јавната набавка за организиран превоз на учениците од населените места до средните училишта во општина Прилеп за 2023 година, е законски спроведена согласно со член 119 од Законот за јавни набавки и се запазени сите процедури. За оваа јавна набавка и за сите договори постои уредна документација во училиштата која може слободно да се провери. Потенцираме дека е апсолутно неточно тврдењето дека е зголемена цената на услугата и дека се исплаќани фактури без договор, изјави Христијан Тунески, портпарол на општина Прилеп.
Според Тунески, ова е начин да се прикрие претходното незаконско работење на сегашната претседателка на општинската организација на СДСМ од Прилеп, Петра Лукароска, која беше директорка на средното училиште „Ѓорче Петров“. Се бара од Јавното обвинителство да испита како се превезуваа учениците четири месеци од првото полугодие на учебната 2021/2022 година.
-Исто така, бараме од Јавното обвинителство да ги провери стенограмите од седницата на Советот на општина Прилеп каде двајца од тогашните директори на средните училишта поставени од СДСМ јавно изјавија дека учениците во првото полугодие од учебната 2021/2022 се превезувале без договор, односно со устен договор помеѓу нив и превозниците, изјави Тунески.
Општинската организација на СДСМ вчера обвини дека превозниците вршеле превоз на ученици без важечки договори, а за извршената услуга доставувале фактури кои директорите ги исплаќале без претходна спроведена јавна набавка. Во вчерашното соопштение СДСМ воедно, го повика Јавното обвинителство да реагира и да поднесе кривични пријави. ем/вг/
Фото: МИА