• вторник, 24 декември 2024

Тројца тинејџери приведени во Франција поради лажни закани за бомби во средни училишта

Тројца тинејџери приведени во Франција поради лажни закани за бомби во средни училишта

Париз, 29 март 2024 (МИА) – Тројца тинејџери се приведени во Франција во одделни случаи на лажни закани со бомби во средните училишта, при што еден тинејџер изјавил дека сакал да се забавува и „да прави како другите“.

- Просветните работници не се сами и сите ние ќе формираме штит околу нив, околу нашите институции, изјави денеска француската министерка за образование Никол Белубе за време на посетата на средното училиште во Бордо, кое беше цел на закана.

Министерката рече дека сè што е поврзано со училиштата во однос на злонамерните дејствија е „навистина неприфатливо“.

Во последните денови Франција беше потресена од закани за напади врз десетици средни училишта ширум земјата.

Повеќе од 150 различни институции добија вакви закани во текот на неделата.

Денеска е приведен еден 16-годишен средношколец, осомничен дека е автор на закана за средно училиште во Бордо. Тој упатувал смртни закани и јавно фалел терористички напади.

Во Алзас, источна Франција, 15-годишен тинејџер беше уапсен вчера и ставен под судски надзор поради четири лажни закани за бомби во две средни училишта во Милуз.

Тинејџерот, кој во телефонските закани спомнал присуство на разни експлозиви, на полицијата и рекол дека само сакал да се забавува и да го прави она што сите други го прават.

Третиот 17-годишен тинејџер е приведен во предградие на Париз. јт/

Фото: МИА архива

Остани поврзан