• сабота, 23 ноември 2024

Тркалезна маса: „Зелените“ иновации ќе станат нова реалност, а „зеленото“ образование секојдневие

Тркалезна маса: „Зелените“ иновации ќе станат нова реалност, а „зеленото“ образование секојдневие

Скопје, 7 мај 2024 (МИА) - Компаниите мора да работат на развивање зелени иновации, како и на создавање кадар со кој ќе може да го спроведат процесот на зелена трансформација. Но, за да се овозможи создавање стручен кадар, потребно е поврзување со образовните институции и успешно работење и создавање образовни центри за развивање зелени иновациски вештини. Компаниите мора да бидат активни чинители на овие процеси, да се поврзуваат со образовните институции, со цел побрзо да ги спроведуваат процесите на зелена трансформација во своите бизниси, што ќе ги направи поконкурентни и одржливи, беше речено на денешната тркалезна маса што ја организира Сојузот на стопански комори (ССК).

На настанот насловен „Одржлива иднина со зелени иновации - важноста на креирање на иновативни образовни центри за развивање на зелени иновациски вештини“ беа презентирани достигнувањата во областа, а беа споделени и искуства од бизнис секторот во насока на придобивките од воведување зелени иновации и креирање вештини за спроведување зелените иновации.

 Како што беше потенцирано, „зелените“ иновации ќе станат нова реалност, а „зеленото“ образование секојдневие

-Зелените иновации ќе станат нашата нова реалност, тие ќе ни станат секојдневие во следниот временски период и ние ќе мораме посериозно да се занимаваме со оваа тема од најрана возраст со образование, од основно, средно и до високошколските институции, затоа што новите системи и вештачката интелигенција ќе бараат поголеми количини на енергија која ќе треба да се обезбеди во следниот временски период.Зелените иновации ќе станат како популарни предмети. Ние мораме да бидеме многу побрзи од нашите западни партнери, доколку се фокусираме побрзо да ги работиме работите ќе имаме шанси да ги стигнеме. Ние, не знаевме енергијата да ја цениме на соодветен начин, од најмалите генерации мора да се цени енергијата, секој денар потрошен за енергија.Треба да пристапиме кон осовременување на начинот на размислување и како треба да се однесуваме, истакна претседателот на ССК, Трајан Ангелоски, додавајќи дека зеленото образование ќе стане секојдневие.

Потпретседателот на ССК и претседател на Агро-бизнис комората, Горан Ѓорѓиевски, оцени дека во наредниот период ќе се зголемува потребата од стручни лица во компаниите, за да може да ги следат процесите од инвестиците во зелената трансформација.

-Потребно е да има такви технички лица кои ќе ги менаџираат системите кои функционираат во таа приватна компанија, дали ќе се работи за чистење, за следење на технички дефекти, анализа на податоци, колку се произведува, одржување на електрични возила. Се отвора еден сегмент кој ќе биде многу важен, со отворање вакви центри за учење вештини за зелени работни места, нагласи Ѓорѓиевски.

Тој дополни и дека предностите од имплементирањето на зелените иновации за компаниите се големи.

-Компаниите треба да инвестираат во нови алатки за бизнис интелигенција, што ќе придонесе до поголема транспарентност на податоци и увид во операциите на една компанија и подетален увид во работењето на компанијата. Постои алатка која може да ги поддржи зелените иновации, „Дата компас360“, со која компаниите од енергетското производство и производствената индустрија, можат да постигнат заштеда на трошоци, заштеда на енергија, редуцирање на отпад и оптимизација на производство, и во крајна линија влијае на одржливиот развој на една компанија. Тоа значи дека компаниите треба да се едуцираат за сите овие напредни анлитички алатки, со цел да бидат во чекор со времети и со тоа ќе можат да станат поконкурентни, рече Димитар Балабурски од компанијата „Data Vision“.

Според професорот Радмил Поленаковиќ од Машинскиот факултет - Скопје, мора да се вложува во развој на „зелени“ вештини и да се стави фокус на образовниот систем.

-Мора да се вложува особено на вештините кои им недостигаат на компаниите.Треба да се следи потребата од „зелени“ технологии и променетите барања на пазарот на добра и услуги. Преку проекти, во образованието се вложени големи средства, а следно што ќе биде предложено, ќе биде воведување на предмет за „зелено“ образование на педагошките факултети во Македонија, за да се придонесе, уште од мали нозе, кај младите генерации, да се работи на едукација за зелената трансформација и да расте свеста за неа, рече  Поленаковиќ.

Професорот Орце Симов, потпреседател на ССКМ и претседател на Комората за информатичко-комуникациска технологија, смета дека јазот меѓу формалното образование во однос на практичното образование, треба да се намалува со користење на центрите за извинредност и доживотно учење.

-За сите процеси, првиот чекор е образованието. Зелената трансформација не е само економски тренд, туку тоа е потреба за опстанок за човештвото, затоа што човештвото е исправено пред предизвикот на климатската катастрофа. За да можеме да ги подобриме состојбите коишто водат кон овие неповолни услови потребно е да имаме свест за проблемите, а прв чекор што треба да се направи е образование.Мора да имаме кадри кои ќе бидат свесни за своите потреби и кадри кои ќе се образуваат и во формалното образование, но да има континуирано учење и луѓето да продолжат да се обучуваат и надвор од формалното образование, истакна Симов.

На тркалезната маса се обратија и претставници од банките, кои ја аргументираа поддршката на проектите за „зелена“ трансформација и иновации. Информираа и дека е зголемен интересот на компаниите. мч/лв/

фото: ССК

 

Остани поврзан