• вторник, 24 декември 2024

Тркалезна маса за подобрување на квалитетот на статистичките податоци за е-трговијата

Тркалезна маса за подобрување на квалитетот на статистичките податоци за е-трговијата
Скопје, 11 јули 2022 (МИА) - Можностите и начините за подобрување на методологијата и квалитетот на податоците за е-трговијата, како и приближувањето на македонското законодавство со законодавството на ЕУ и следење на трговијата во земјава во рамките на Спогодбата на ЦЕФТА, беа тема на дискусија на денешната тркалезна маса во Скопје, во организација на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија (АЕТМ) во соработка со Државниот завод за статистика (ДЗР). Една од главните причини за ваквата иницијатива, како што информираат организаторите, е недостатокот на податоци кои нашата земја може да ги понуди во европските извештаи за е-трговија, а се важен предуслов за утврдување на тековните состојби поврзани со е-трговијата во Северна Македонија и проекциите за нејзин раст и развој во иднина. На тркалезната маса, која е организирана како прва заедничка активност на АЕТМ и ДЗС по потпишувањето на меморандумот за соработка, исто така, била иницирана соработка и дискусија помеѓу релевантните институции кои во своето работење прибираат, анализираат и овозможуваат пристап до податоци за е-трговијата, организациите од невладиниот сектор и компаниите од бизнис секторот во областа на е-трговија, а во насока на донесување на конкретни акции кои секоја од засегнатите страни ќе се стреми да ги имплементира во следниот период. Претседателката на АЕТМ, Нина Ангеловска, рече дека за да може да се следи растот и развојот постигнат во е-трговијата, Aсоцијацијата уште во првата сеопфатна анализа од 2018 година ја нагласила потребата за поголем обем и подобар квалитет на прибраните податоци. - Особено ќе го нагласам отсуството на податокот за уделот на е-трговијата во вкупната малопродажба, клучен индикатор кој би овозможил да го согледаме релативното учество на обемот на пазарот на е-трговија во малопродажбата, како и да направиме споредба со другите земји. Овој податок е значаен и за компаниите за да можат да го одредат својот пазарен удел. Исто растот на е-трговијата во потесна смисла на зборот, која ги опфаќа само е-продажбите со платежна картичка, се следи преку платежните статистики на НБРСМ кои во вкупната вредност на онлајн продажби ги вклучуваат и онлајн плаќањата на сметки за комуналии, како и владини услуги, па оттаму не може да се заклучи колкав дел од е-плаќањата всушност се направени во малопродажба, изјави Ангеловска. Од Државниот завод за статистика ја потврдија подготвеноста на институцијата да одговори на ова барање на засегнатите страни, но го потенцираа и проблемот за системски недостаток на потребните податоци. - Државниот завод за статистика во согласност со Европските методологии спроведува две примерочни истражувања за Информатички и комуникациски технологии, нивното користење во домаќинствата и од страна на поединци и нивното користење во деловните субјекти, во кои е опфатена и е-трговијата, но ова се податоци кои опфаќаат само дел од аспектите на е-трговијата. Оттука, наша должност е заеднички да најдеме начин како посеопфатно да обезбедиме статистички податоци за обемот на стоки и услуги кои се набавуваат on-line, како и за обемот на финансиските трансакции кои се реализираат со е-трговијата, изјави директор на ДЗС Апостол Симовски. Централниот регистар, Управата за јавни приходи и Царинската управа, се наведува во соопштението, уште еднаш ја потврдија својата континуирана заложба во оваа област, покажувајќи ја нивната спремност во идниот период да ги воведат потребните измени со кои би се збогатиле податоците поврзани со е-трговијата во нашата земја, особено во делот на плаќањето на нарачки направени во странство. Од АЕТМ велат дека со оваа тркалезна маса, Асоцијацијата за е-трговија на Македонија и Државниот завод за статистика иницираат соработка меѓу засегнатите институции и се вклучуваат во напорите за започнување на јавно-приватен дијалог помеѓу релевантните институции и компаниите од секторот на е-трговијата кој е клучен за подигнување на свеста за потенцијалот на е-трговијата, постигнување напредок на полето на прибирање и анализирање на релевантни податоци за е-трговија и доближување до развиените земји. аа/сп/

Остани поврзан