• вторник, 24 декември 2024

Триста средношколци ги унапредија своите знаења и вештини со употреба на технологијата за виртуелна реалност

Триста средношколци ги унапредија своите знаења и вештини со употреба на технологијата за виртуелна реалност
Скопје, 4 март 2022 (МИА) - Центарот за социјални иновации Блинк 42/21, со поддршка од Меѓународната организација на трудот (МОТ), реализираше пилот-проект за воспоставување лабораторија за стекнување вештини со помош на напредна дигитална технологија за виртуелна реалност (ВР технологија). Во пилот-проектот учествуваа 300 ученици и 15 професори од пет средни електротехнички училишта: „Михајло Пупин“ од Скопје, „Наце Буѓони“ од Куманово, „Никола Карев“ од Струмица, „Наум Охридски“ од Охрид и „Коле Неделковски“ од Велес. Во рамки на овој пилот-проект, на училиштата им беше донирана и опрема, лаптопи и сетови за виртуелна реалност, со која се овозможува користење на развиената ВР апликација за обука. Со ВР-технологијата на учениците им беше овозможено да ги унапредат своите вештини, искуства и знаење преку практична обука, со различна опрема и системи, процедури за детекција и отстранување дефекти, како и интегрирање нови компоненти со цел унапредување на работниот процес, но и со фокус на заштитата на безбедноста и здравјето при работа. Ваквите обуки во кои се користи иновативна дигитална технологија на учениците им овозможуваат учење и практична реализација на работните процеси во контролирана средина, како и соодветна подготовка за нивните први работни искуства, со посебен фокус за примена на мерките за безбедност и заштита на здравјето при работа. Оваа технологија е од особена корист за брзо учење и безбедност во технолошко-индустриските работни процеси. Според Наташа Мечкароска-Симјаноска, проектен координатор на Меѓународната организација на трудот, докажано е дека новите напредни информатички технологии го забрзуваат процесот на учење, ги зголемуваат работните вештини и влијаат на унапредување на безбедноста и заштита при работа. - Оттука, веруваме дека ваквиот тип на учење ќе им помогне на учениците од средните стручни училишта да стекнат дополнително практично знаење кое ќе биде клучно при нивната интеграција на пазарот на трудот. Од друга страна, поради брзиот и безбеден работен процес и ефективната обука на вработените, ваквите технологии ќе донесат и дополнителни придобивки и за работодавачите, особено во индустриските сектори“, изјави Мечкароска-Симјаноска. ВР-апликацијата е подеднакво корисна и за компаниите од електроиндустријата, имајќи предвид дека овозможува 3Д симулација на работните процеси, со што може да се обезбеди и соодветна обука за вработените кои се вклучени во тие работни процеси. Организаторите на пилот-проектот велат дека креирањето на апликацијата, која овозможува примена на технологијата за виртуелна реалност во процесот на учење и обука на средношколците, произлегло од реалните потреби на средните стручни училишта и бизнис-заедницата кои беа идентификувани преку процес на интензивна комуникација и размена на идеи со Организацијата на работодавачи на Македонија. хс/сп/

Остани поврзан