• среда, 27 ноември 2024

Трипуновски: Цените за грозјето што ги истакна Министерството мора да се почитуваат

Трипуновски: Цените за грозјето што ги истакна Министерството мора да се почитуваат

Кавадарци, 17 август 2024 (МИА) - Откупните цени за грозјето што ги истакна Министерството мора да се почитуваат, истакнал денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, информираат попладнево од Министерството.

При неговата денешна посета на откупен пункт на грозје во кавадаречкото село Сопот, за да се увери во текот на почетокот на бербата на грозјето, тој бил информиран од страна на сопственикот на откупниот пункт на грозје и од земјоделците, дека тоа што се откупува оди за извоз.

 -Цените се од 8 до 10 денари зголемени во однос на ланските цени, во делот на ,,шардоне", ,,темјаника", сортните вина. Додека за вранецот она што ќе почне да се извезува ќе се плаќа по 25 денари. И некои 22 денари за смедеревката. И тоа е исто така сериозно поткревање во делот на извозот,  истакнал Трипуновски, се вели во соопштението од Министерството, испратено до медиумите. 

 Трипуновски нагласил дека неговата посета е лично да се увери во делот на тоа како ќе почне и стартува откупот, согласно истакнатите цени  што ги имаше во винарските визби. 

-Заедно со Инспекторатот ќе го следиме процесот. Оние цени кои што ги истакна Министерството зголемени за 25 отсто мора да се почитуваат, нагласил министерот.

 Трипуновски додал дека мора да се плаќа согласно квалитетот.

-Гледам одредено тактизирање на винарските визби дека повеќе им треба бело грозје отколку црно. Тука апелирам да секој согласно планираните количини кои што ги има најавено да си го изврши откупот, да се плати согласно законот и нормално да се плати согласно квалитетот. Не сакам да има отстапки, појаснил тој.

 Министерот посочил дека секаде каде што има потреба ќе се реагира, се со цел да се заштити трудот на земјоделецот.

Тој подвлекол дека протекции апсолутно нема да има, законот за сите подеднакво треба да важи, дали се визби, дали се земјоделци. Притоа додал дека едноставно, законот мора да се почитува. 

 - Јас ветувам и Инспекторатот и јас лично и на дневна основа ако треба, ќе бидам присутен и ќе го следам процесот, затоа што ова мора да се воспостави како правило кое што треба да се почитува,  истакнал министерот. свд/дма/

Фото:МЗШВ

 

Остани поврзан