• четврток, 26 декември 2024

Триесет тони сол и песок фрлени утринава на патиштата околу Кичево

Триесет тони сол и песок фрлени утринава на патиштата околу Кичево
Кичево 6 март 2022 (МИА) - Снегот кој од вчера напладне со висок интензитет врне во Kичевско, придонесе да се создаде снежна покривка со височина од 30 до 50 сантиметри, што беше причина сообраќајот во регионот да се одвива отежнато. Вработените од „Македонија пат“ вложуваат максимални напори  да обезбедат чисти патишта и безбеден сообраќај и затоа постојано се на терен и го чистат снегот од коловозите. -Наши екипи во текот на ноќта и претпладне ги исчистија патиштата до сите соседни градови. Покрај чистењето на снегот кој на превоите достигна височина од половина метар, паралелно патиштата се посипуваат со сол и песок и само  ноќеска на планинските превои е фрлено околу 30 тони сол и песок, со што е спречено пролизгување на моторните возила. Екипите се постојано на терен и ја следат состојбата. Утринава од 10:45 часот дозволен е сообраќај на превоите и за тешки товарни возила. Интензитетот на сообраќајот не е голем, но ние сме тука да овозможиме непречено одвивање на сообраќајот во нашиот регион, во секакви услови, истакна раководителот на секцијата на„ Македонија пат“, Зоран Маркоски. Тој појасни дека висината на снегот е најголема на патот за Битола и Гостивар и изнесува над 50 сантиметри, додека во правец кон Прилеп изнесува 40 сантиметри.за/вј/

Остани поврзан